Путин објави колку лица регрутирала руската војска

Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека во рамките на делумната воена мобилизација во таа земја се регрутирани 318.000 луѓе, од кои 49.000 веќе извршуваат борбени мисии во Украина.

Говорејќи на настан во Москва по повод Денот на единството, националниот празник на Русија кој се слави на 4 ноември, Путин рече дека бројот на мобилизирани ги надмина планираните 300.000 бидејќи многу граѓани доброволно се пријавиле за воена служба.

– Веќе имаме мобилизирани 318.000, бидејќи доброволците доаѓаат, нагласи Путин.

Рускиот претседател вети дека државата ќе им ја даде сета потребна поддршка на семејствата на учесниците во руската „специјална воена операција” во Украина, како што тој ја нарекува инвазијата врз таа земја.

Рускиот лидер, исто така, рече дека властите работат на олеснување на процедурата за издавање документи на украинските бегалци кои бегаат во Русија. – Во моментов носиме одлуки кои ќе овозможат прием на овие документи на поедноставен начин. И ќе ги подобриме овие алатк”, рече Путин.

Од 21 септември до 28 октомври Русија изврши делумна воена мобилизација.