Путин оцени дека директниот судир со НАТО води во глобална катастрофа

Евентуалниот директен суди на земјите од НАТО со Русија би довел до глобална катастрофа, оцени во петокот рускиот претседател Владимир Путин зборувајќи на прес-конференцијата во казахстанската престолнина Астана.

„Се надевам дека оние коишто зборуваат за тоа се доволно паметни да не преземаат такви чекори“, рече Путин.

Истакна дека нема планови за натамошна мобилизација на резервниот состав на руската војска, додавајќи дека делумната мобилизација на 1 отсто од 25-милионскиот резервен состав објавена во септември завршува и дека ќе биде готова за две седмици.

Запрашан дали жали поради судирот во Украина, одречно одговори додавајќи дека Русија ја прави вистинската работа заштитувајќи го тамошното руско и рускојазично население. Истакна дека целта на Русија не е да ја уништи Украина.

За преговорите со американскиот претседател Џо Бајден рече дека во моментов „нема потреба“, додавајќи дека сѐ уште не донел одлука за евентуалното учество на самитот на Г20 кој се одржува на Бали во Индонезија во ноември.

Путин рече и дека настаните во Украина не влијаеле врз односите на Русија со другите постсоветски земји. Иако некои држави биле загрижени, тоа не влијаело врз „карактерот и длабочината на односите на Руската Федерација со овие земји“,

Германија прави грешка ставајќи ги како приоритет односите со НАТО над националните интереси, истакна рускиот претседател. Притоа рече дека Берлин сѐ уште не донел конечна одлука за гасоводот Северен тек 2, преко кој би билно можно од Русија да се испорачува гас во Германија, откако испораките се запрени преку Северен тек 1. Секоја одлука во таа смисла не е руска работа, додаде Путин.