Путин: Одлуката на Трамп да се сретне со Ким е храбра и зрела

Рускиот претседател Владимир Путин во средата решеноста на неговиот американски колега по должност Доналд Трамп да се сретне со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун ја оцени како „храбра и зрела“ додавајќи дека очекува „позитивен исход“.

„Сé уште се надевам дека овој состанок ќе се одржи и ние сите очекуваме позитивен исход, а одлуката на претседателот Трамп да оствари директен контакт со Ким Џонг-ун е многу храбра и зрела“, изјави Путин во изјавата за кинеската медиумска групација China Media Group.

Рускиот претседател кон крајот на седмицата ќе учествува на самитот на Шангајската организација за соработка. Портпаролот на Кремљ, кон крајот на мај, изјави дека засега нема никакви новости од предложената средба меѓу Путин и Трамп. На почетокот од оваа седмица, пак, севрнокорејската новинска агенција KCNA објави дека Ким добил покана од Путин да ја посети Русија и оти тоа најверојатно ќе се случи кон крајот на септември.

Инаку историскиот самит на Трамп и Ким треба да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур, иако пред десетина дена американскиот претседател со отворено писмо ја откажа средбата но ја остави отворена можноста сепак да се одржи. И двете стрени продолжија со подготовките за средбата на врвот во дипломатскиот обид на САД да ја зауздаат севернокорејската нуклеарна програма.

Во врска со својата посета на Кина, Путин вели дека очекува економските санкции за Русија да бидат укинати, а односите со Западот да се нормализираат. За кинеските медиуми истакнува дека актуелните западни санкции „ниту го изненадуваат, ниту го плашат“, како и дека тие сигурно постепено ќе бидат укинувани. Путин во вторникот престојуваше во Виена, каде што се сретна со австрискиот државен врв кој во рамките на ЕУ е еден од најголемите поборници за укинување на европските економски санцкии против Русија којашто возврати со ембарго на увозот, во прв ред, прехранбени производи.

„И ќе ги нормализираме односите со сите наши партнери, вклучително и со САД, како и со оние кои ги слушаат САД ни наметнуваат сакнции“, вели Путин кој во петокот ќе допатува во тридневна посета на Кина.