Путин подготвува нова „суровинска замка“ за Западот преку Боливија

Рускиот претседател Владимир Путин подготвува нова стапица со суровини за западните земји кои воведуваат жестоки санкции против Русија поради војната во Украина, а притоа клучната улога ќе ја има Боливија, тврди германскиот весник Welt am Sonntag.

Според информациите до кои дошол весникот, Боливија која ги има најголемите наоѓалишта на литиум во светот и бара деловни партнери за ископи на суровината, неопходна за производство на електричните автомобили. Еден од претендентите е Русија, за којашто во написот на Welt am Sonntag се наведува дека „во моментов има особено добри шанси“.

„За Европа тоа значи, дека доколку Москва успее во играта на литумскиот покер, по нафтата и гасот, може барем делумно да се појави уште една суровинска зависност од Русија“, се истакнува во написот.

Резервите на литиумот во Боливија, според весникот, изнесуваат 21 милион тони, што ги надминува проценетите резерви во Аргентина од 19 милиони тони и Чиле од 9,8 милиони тони.

Во моментов во светот е забележлива жестока конкуренција за суровините кои се потребни за производството на батериите за електричните автомобили, согласно моменталното ниво на развој на техниката. Оние кои имаат пристап до депозитите на тие суровини, како што се вели во написот, може да влијаат врз цените и достапноста.

„Доколку Русија биде во можност да ги контролира наоѓалиштата на литиум во Боливија, ќе биде во многу поволна позиција поради важноста на суровината за модерната економија“, вели за Welt am Sonntag, Владимир Рувински од Универзитетот ICESI, во колумбискиот град Кали.

Поради тоа, како што појаснува весникот, Москва прави сѐ што е возможно од политичка гледна точка за да добие пристап до резервите од литиум во Боливија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.