Путин порача да се одморат единиците кои го заземаа Луганск, но да продолжи воената операција во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин на средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу му порача дека единиците кои учествувале во „ослободувањето“ на сепаратистичката доминантно руска и рускојазична југоисточна украинска покраина Луганск, треба да се одморат, но истовремено оцени дека руските сили треба да ја продолжат заедничката офанзива со проруските сепаратисти до целосно заземање на историската област Донбас.

„Единиците кои учествуваат во активни воени дејствија и го постигнаа успесите, победите во правецот на Луганск, секако, треба да се одморат, за да ги зголемат своите борбени способности“, рече Путин на состанокот со Шојгу пренесуван на јавната телевизија.

Руските сили „мора да ги продолжат своите мисии според веќе одобрените планови“, рече Путин во текот на разговорот и додаде дека се надева оти „во нивните сектори сѐ ќе одвива како што тоа беше во Луганск“.

Шојгу, кој во неделата го извести Путин за падот на Лисичанск, и „ослободувањето на целиот“ регион Луганск, го информираше претседателот дек во моментов во тек е процесот на деминирање на градот.

Изјавите на рускиот претседател доаѓаат два дена откако руските војски во Украина објавија дека го заземале Лисичанск, а ден откако Киев потврди дека го загубил, односно неговите единици се повлекле, од стратешки важниот град Лисичанск, последниот кој го контролираа во административната територија на регионот Луганск пред превратот во 2014 година, кога беше самопрогласена ткн Народна Република Луганск и започна украинската граѓанска војна.

Лиганск и соседниот Доњецк ја сочинуваат историската и со ресурси богата област Донбас, во којашто е доминантно руското и рускојазичното население.

Контролата на Лисичанск, кој заедно со соседниот Северодоњецк сочинува стратешки важна оска на границите на Донбас, сега на проруските сепаратисти и руските единици им порача полесно настапување кон запад, кон градовите Славјанск и Каматорск, двете места во областа кои сѐ уште се под контрола на украинските сили.

Прорускиот сепаратистички функционер Виталиј Киселов во понеделникот изјави дека руските сили од две насоки напредуваат кон Северск, кој е на патот кон Славјанск и Краматорск.