Путин пред новоизбраните пратеници во Думата: Мораме да ја забрза темпото за вакцинација

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Русија мора да ја забрза својата кампања за вакцинација против Ковид-19 затоа што забележа најголем број дневни смртни случаи од почетокот на пандемијата, пренесуваат британските медиуми.

Обраќајќи им се на новоизбраните пратеници, Путин ги повика активно да ја поддржат кампањата за вакцинација.

-Вакцинацијата ги штити луѓето од инфекции, од сериозни симптоми и ние мора да го забрзаме темпото, рече Путин.

Кремљ смета дека бројот на заразени расте затоа што не се вакцинирани доволно луѓе.

Русија брзо ја разви својата вакцина против коронавирусот „Спутник В“, но јампањата на вакцинација бавно се одвиваше, а причината, меѓудругото, е недовербата кон владата и стравот од нови медицински производи.

Рускиот премиер Михаил Мишустин претходно изјави дека приближно една третина од населението е вакцинирано.

Русија во вторникот пријави 973 смртни случаи од последиците од коронавирусот, што е најголем дневен број од почетокот на пандемијата, а истовремено имаше и 28.190 новозаразени лица.

-Главната карактеристика на сегашниот бран е брзото зголемување на бројот на случаите, како и големиот број пациенти чија инфекција покажува брза прогресија во текот на два или три дена и бара реанимација, рече министерот за здравство Михаил Мурашко.

На владина седница министерот Мурашко посочи дека 1,1 милион Руси во моментов се лекуваат од симптоми на Ковид-19.