Путин првпат од почетокот на украинската војна патува во странство

Рускиот претседател Владимир Путин ќе посети две соседни држави, поранешни советски републики во централна Азија, извести во неделата руската државна телевизија, што е првото негово патување во странство по почетокот на војната во Украина.

По почетокот на руската воена интервенција во Украина од 24-ти февруари, Русија се најде под невидени жестоки санкции од Западот, за кои Путин вели дека освен што ја засилуваат енергетската и прехранбената криза во светот, ја натерале Русија да ги засили трговските врски со другите источни сили како што се Кина, Индија, Иран, јужноамериканските земји и соседите во Азија.

Павел Зарубин, дописник на јавната телевизија Россия 1 од Крмљ, во прилогот рече дека рускиот претседател ќе ги посети Таџикистан и Туркменистан, а потоа во Москва ќе го пречека индонезискиот претседател Џоко Видодо, домаќинот на самитот на Г20, кој ги одби повиците од Западот да не ја покани Русија на состанокот на врвот, а пред Москва ќе го посети и Киев за да ја покани Украина како гостин настанот.

Путин во Душанбе ќе се сретна со таџикистанскиот претседател Имомали Ракмон, близок сојузник на Русија и најдолговечен челник на некоја поранешна советска република. Во Ашгабат ќе присуствува на самитот на касписките земји, вклучително со челниците на Азербејџан, Казахстан, Иран и Туркменистан, извести новинарот Зарубин.

Последното патување во странство на Путин за кое се знае е посетата на Пекинг на почетокот од февруари. Тогаш рускиот претседател и неговиот кинески колега Кси Џинпинг ги претставија „договорот за пријателство без ограничувања“ неколку часа пред да присуствуваат на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри, кое поради тоа го бојкотираа западните челници навестувајќи дека односите со Русија се на линија на крајна спротиставеност.

Русија на 24-ти февруари испрати трупи во источна Украина тврдејќи дека Киев за 8-ми март подготвувал офанзива врз доминантно руските и рускојазичните југоисточни украински региони со цел воено да ја решат граѓанската војна која избувна по превратот од 2014 година кој го поддржа Западот. За Русија станува збор за „специјална воена операција“ чијашто цел е да ги уништи радикалните националисти и неонацисти во Украина, како и соседната земја да ја демилитаризира како потенцијална опасност за сопствената безбедност. За Украина и Западот тоа е инвазија за одземање територија во империјален стил.