Путин: Русија долго време беше трпелива, но беше влечена за нос

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во средата дека „воопшто не се сомнева“ во победата на Русија во инвазијата во Украина за која повтори дека била изнудена за руската страна поради некоректните односи од западните земји и намерите на властите во Киев.

Според Путин, Русија долго време била трпелива, но на крајот била измамена, алудирајќи на изјавите на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и потврдата на тогашниот француски претседател Франсоа Оланд, дека договорите од Минск од 2014 и 2015 година за постигнување мир во Украина меѓу властите во Киев дојдени по превратот од март 2014-та со помош на Западот имале цел само на украинската војска да ѝ се даде време да ги нападен силите на одметнатите доминантно руски југоисточни региони.

Меркел, Оланд, Путин и тогашниот украински претседател Петро Порошенко беа гаранти на тие договори меѓу Киев и проруските сепаратисти од Донбас кои со тие договори добија широка автономија во рамките на Украина.

„Долго трпевме, се обидовме да постигнеме договор. Но, како што се покаже, едноставно бевме влечени за носот, бевме измамени. Сторивме сѐ ситуацијата да се реши по мирен пат. Но, непријателот се подготвуваше да го заостри конфликтот. Нам не ни преостана ништо друго. Првичниот извор на државната моќ во Украина беше државен удар, не смее да се заборави тоа“, рече рускиот претседател.

Путин притоа појасни дека на руската „специјална воена операција“ во Украина, како што ја нарекува Москва својата инвазија, ѝ претходел превратот од 2014-та и последователните настани во Донбас. Според него, станува збор за обид да се „заштитат“ сонародниците кои живеат на тие украински територии.

„Трагедијата во врска со настаните во Украина започна во 2014 година. Со вооружениот пуч во Украина, антисуставен. Тоа бараше од нас да им помогнеме на жителите на (поранешниот украински црноморски полуостров) Крим, потоа следеа настаните во Донбас. Сешто се случуваше. Сето она што сега го правиме… е обид да се запре оваа војна, тоа е поентата на операцијата, да се заштитат нашите луѓе кои живеат на тие територии“, рече Путин при посетата на воено-индустриски комплекс во Санкт Петербург.

Путин повтори дека Русија долго време „беше трпелива и се обидуваше да постигне договор“, но се испоставило дека „едноставно била замајувана“

Победата е „сигурна, во тоа воопшто не се сомневам“, рече рускиот претседател. Според него на Русија во тоа ќе ѝ помогнат „единството на рускиот народ, смелоста и јунаштвото на нашите војници (…) и, секако, работата на нашиот воено-индустриски сектор“.

Путин повтори дека Русија во Украина се бори со „неонацистичкиот режим во Киев“ и истакна и дека и во иднина ќе ги помага проруското и руското население на југоистокот на соседната земја.

Истакна дека сегашните власти во Киев „го величаат Степан Бандера, кој беше соучесник на Адолф Хитлер“, а дека украинските војници сега ја „продолжуваат практиката на казнените единици кои ги ликвидираат цивилите во Донбас и соседните територии“.

„Не можевме а да не ги заштитиме луѓето кои се сметаат себеси за дел од руската култура, оние кои го зборуваат рускиот јазик и го ценат тоа исто колку што ја ценат својата култура и својата традиција… Ќе победиме“, рече Путин, кој по заземањето на стратешки важниот град Соледар и опколувањето на блискиот град Бахмут во Доњецк изјави дека има „позитивна динамика“ на боиштето, истакнувајќи дека „сѐ се одвива според планот на министерството за одбрана и генералштабот на вооружените сили“.