Путин: Русија се бори за зачувување на својата државност

Русија во Украина не ја поправа својата геополитичка позиција, туку се бори за зачувување на својата државност, изјави во вторникот рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат агенциите.

„За нас тоа не е геополитичка задача, туку задача за опстанок на руската државност, создавање на услови за идниот развој на земјата и нашите деца“, рекол Путин во разговорот со работниците во фабрика за авиони во Улан-Уде, главниот град на Република Бурјатија, околу 4.400 километри источно од Москва.

Путин го повторил обвинувањето за ткн колективниот Запад дека ја користи Украина како средство за водење посредничка војна против Русија и обид на земјата да ѝ биде нанесен стратешки пораз.

Во одговор на новинарски прашање, Путин рекол дека бил загрижен за економијата, кога лани Западот воведе нова серија од десет кругови санкции против Русија продолжувајќи ја својата политика започната од 2014 година, но дека таа се покажала поотпорна од очекуваното.

„Повеќекратно го зголемивме својот економски суверенитет. Впрочем, на што нашиот непријател сметаше? Дека ќе пропаднеме за две-три седмици или за еден месец?!“, рекол Путин.

Додал дека руските непријатели очекувале дека руските фабрики ќе застанат, финансискиот систем ќе колабира, невработеноста ќе се зголеми, дека демонстранти ќе излезат на улиците а Русија ќе биде „потресена однатре и ќе пропадне“

„Тоа не се случи. Се покажа, и за многумина од нас, а уште повеќе за западните земји, дека темелите на стабилноста на Русија се многу посилни отколку што некој мислеше“, заклучил Путин.

Изразил и уверување дека проблемите со коишто руската економија и држава се соочија во 2022 година по почетокот од инвазијата во Украина, ќе придонесат за натамошниот развој.

„И покрај одредени трошоци, мислам дека минатата година беше само корисна, имајќи предвид дека станавме многу посуверени и понезависни на полето на економијата и финансиите“, одговорил Путин на прашање од работниците согласувајќи дека во овој случај соодветни се зборовите на германскиот филозоф Фридрих Ниче, „она што не нѐ убива, нѐ прави посилни“.