Путин: Русија би го користела нуклеарниот арсенал само како одговор на напад

Русија е подготвена да го употреби својот нуклеарен арсенал само како одговор на напад врз неа, а масакрот во колеџот во кримскиот пристанишен град Керч е производ на глобализацијата, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин на форумот во Сочи во организација на институтот Валади.

„Немаме концепт за користење на нуклеарното оружје во превентивни цели… Подготвени сме да го употребиме нуклеарното оружје само кога сме сигурни дека некој, потенцијален агресор, ја напаѓа Русија. Агресорот би морал да знае дека одмаздата е неизбежна. Ќе биде уништен“, порача рускиот претседател Владимир Путин.

„Како жртви на агресијата, како маченици, ние ќе одиме на небото, а тие само ќе умрат бидејќи нема да имаат време да се каат“, додаде Путин.

Рускиот претседател оцени дека глобализацијата, особени преку интернетот, е причина за вчерашниот масакр во колеџот на Крим, во кој според последните информации од четвртокот вкупно со 18-годишниот напаѓач кој активирал бомба и бил вооружен со ловечка пушка, има 21 жртва.

„Вчерашната трагедија, меѓу другото, очигледно е резултат на глобализацијата, колку и тоа чудно да се чини. Сѐ започна со добро познатите трагични настани во училиштата во САД“, додаде Путин.

Во продолжение од разговорите рускиот претседател рече дека џихадистите од Исламската држава земале во заложништво речиси 700 луѓе во областите на Сирија коишто ги контролираат силите коишто ги поддржуваат САД и дека некои од нив се веќе погубени, а милитантите се закануваат дека ќе погубуваат уште.

Путин посочи дека меѓу заложниците има неколку американски државјани и Европејци, додавајќи дека Исламската држава ги шири областите под нејзина контрола лево од реката Еуфрат, на областите коишто го надгледуваат американските сили и силите на сириските бунтовници кои ги поддржуваат САД. Но на форумот рускиот челник не кажа што џихадистите конкретно бараат за ослободување на заложниците.

„Објавија ултиматуми, специфични барања и предупредија дека ќе погубуваат десет луѓе секој ден, доколку ултиматумите не се исполнат. Пред два дена погубија десет лица“, рече Путин.

Во средата беше објавено дека Исламската држава на 13-ти октомври земала 700 заложници во сириската покраина Деир ал-Зор, по нападот врз бегалски камп во подрачјата кои ги контролираат силите кои ги поддржува Вашингтон. Според претходните информации кои ги објави рускиот Центар за помирување на спротиставените страни во Сирија, биле грабнати 130 семејства кои се однесени во градот Хаџин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.