Путин: Руските сили ја извршија својата должност

Руските граничари во неделата ја исполнија својата воена должност кога запленија три украински воени бродови и ги заробија нивните екипажи, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин првпат директно осврнувајќи се на споменатиот инцидент кој предизвика ескалација на и онака затегнатите односи меѓу Москва и Киев.

„Прецизно ја исполнија својата воена должност“, изјави рускиот претседател Владимир Путин на економскиот инвестициски форум „Русија повикува!“ во Москва објаснувајќи ја воената акција во која се ранети тројца украински морнари откако бродовите не реагирале на предупредувањето на руските погранични сили да ги напуштат руските територијални води.

„Што се случило? Украинците не одговориле на барањата на нашите граничари, а влегле во нашите територијални води“, рече Путин во текот на форумот кој беше директно пренесува на телевизиите. Оценувајќи го настанот како провокација и пограничен инцидент, Путин го обвини украинскиот претседател Петро Порошенко дека го организирал инцидентот во пресрет на претседателските избори во март 2019 година во Украина.

„Порошенко, како што се чини, нема да влезе во вториот круг. Затоа мораше нешто да преземе“, оцени Путин и додаде дека станува збор за игра на зголемување на напнатоста, „нечесна игра“ во земјата поради создавање притисок врз политичките противници.

Путин притоа потсети дека во септември годинава украинските воени бродови мирно и непречени минале низа Керчкиот канал.

Рускиот претседател рече и дека судирот меѓу руските и украинските воени бродови во теснецот Керч е резултат на неспособноста на западните држави да го повикаат Киев на одговорност за лошо однесување се додека останува конфронтирачки настроен кон Русија

Путин изјави дека инцидентот, кој заврши со запленување три украински брода од страна на Русија, и по кој Киев наметна делумна воена состојба во земјата, е „валкана игра” на Порошенко со која треба да ги потисне своите политички противници пред претседателските избори во март. Увери дека за ескалација на тензиите е одговорна украинската страна, бидејќи инцидентот е промислена и планирана провокација од украинската морнарица.

Путин додаде дека Западот е подготвен да им ги прости недостатоците на украинските политичари, само затоа што тие промовираат антируски наративи“.