Путин: Слично на сегашното руско оружје во светот нема да се појави уште долго

Аналози на модерното руско оружје во светот нема да се појават уште долго време, убеден е рускиот претседател Владимир Путин кој во петокот вечерта говореше во Големиот дворец на Кремљ пред почетокот на празничниот концерт во чест на Денот на бранителот на татковината.

„Познато ви е дека ние посветуваме приоритетно внимание на опремувањето на војската со најновите оружја, современи средства за управување и комуникации. Нашите перспективни модели на вооружување немаат аналози во светот, во секој случај сѐ уште немаат, и јас смета дека уште долго време нема да имаат“, изјавил Путин.

Рускиот претседател истакнал дека тоа е резултат на систематски насочени мерки на државата, огромната напорна работа на научниците, дизајнерите и одбранбената индустрија.

„Нивните уникатни достигнувања се основата за успешното развивање на армијата и морнарицата во наредните децении, а со тоа и безбедноста и мирот за Русија, нашиот успешен и динамичен развој“, заклучил Путин.

Во продолжение Путин истакнал и дека Русија е мирољубива држава, но оти сепак ќе продолжи да го развива својот одбранбен потенцијал поради осигурување на безбедноста на земјата.

„Русија е мирољубива земја, ние водиме одговорна надворешна политика, се стремиме кон зајакнување на меѓународната стабилност. Ќе продолжиме да го зајакнуваме одбранбениот потенцијал на земјата, да ги развиваме и подобруваме вооружените сили“, рекол рускиот челник.

Во Кремљ се свесни дека „модерниот свет е сложен и контрадикторен, дека сѐ уште има многу нерешени конфликти, предизвици и закани во него“, рекол Путин.

„Затоа, осигурувањето на безбедноста на Русија, на нашите граѓани, останува апсолутен приоритет за нас“, порачал Путин.

Потсетил дека последните години борбената способност на руската војска, обуката, координацијата на дејствијата се значително зголемени. Ова, истакнал Путин, беше потврдено не само со големите маневри, туку и во борбени услови во текот на антитерористичката операција во Сирија.

„Во ослободувањето на сириската земја од бандитите, спасувањето на цивилното население, нашите војници дејствуваа смело, решително и ефикасно, ги покажаа своите најдобри квалитети, се бореа во Сирија заштитувајќи ги и интересите на наштата земја, интересите на Русија“, додал Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.