Путин смета дека Макрон не го сфаќа судирот околу Нагорно Карабах

EPA/Michel Euler / POOL MAXPPP OUT

Рускиот претседател Владимир Путин оцени во петокот дека неговиот француски колега по должност Емануел Макрон не го разбира судирот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах, одговарајќи на неговите обвинувања дека Русија сака да го дестабилизира Кавказот кој е на нејзините граници.

„Мислам дека во тие изјави се гледа несфаќање на судирот и неинформираноста на Франција за ставовите на страните“ во судирот, рече Путин.

Зборувајќи на самитот на земјите од поранешниот СССР во казахстанската престолнина Астана, додаде дека изјавите на Макрон се „неточни“ и „неприфатливи“.

Макрон во интервјуто во средата тврдеше дека Русија, која има мировници на територијата на спорната од распадот на СССР историска ерменска енклава која остана во територијата на Азербејџан и посредуваше во сите досегашни судири, всушност сакала да ја ослаби Ерменија.

„Русија се вмеша во тој судир, очигледно ја играше играта на Азербејџан со турско учество и се врати таму за да ја ослаби Ерменија. Тоа е обид за дестабилизација, бидејќи Русија на Кавказ сака да создаде хаос за сите да нѐ ослаби и подели“, тврдеше Макрон без да даде ниеден доказ во аргументацијата.

Макрон, исто така, порача дека Франција „никогаш нема да ги напушти“ Ерменците и додаде дека Азебрејџан во 2020 година повел „страшна војна“ за да го заземе Нагорно Карабах, како и „офанзивата“ во септември на границата на двете земји.

Азербејџанскотото министерство за надворешни работи во петокот оцени дека изјавите на Макрон се „целосно неприфатливи“ и „пристрасни“.

Путин уште рече дека за тоа повторно ќе разговара со Макрон „доколку има прилика“. Ги повика и ерменскиот премиер Никола Пашањан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев да се сретнат во Русија.

„Русија отсекогаш искрено настојуваше да ги решава судирите, вклучително и проблемите поврзани со Нагорно Карабах“, рече Путин.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговите колеги од Ерменија и од Азербејџан, Арарат Мирзојна и Џејхун Барјамов, се сретнаа во петокот во Астана. Разговараа за „заедничките настојувања“ да се нормализираат односите меѓу двете земји, соопшти руската дипломатија.

Ерменија, која е сојузничка на Русија, и Азербејџан, кого од почетокот на конфликтот во 1990-те го поддржува Турција, во две војни се судрија последните три децении во борбите за контрола над Нагорно Карабах, стратешка висорамнина со ерменско мнозинство. Во последната војна есента 2020 година загинаа 6.500 луѓе, а заврши со прекин на огнот со посредување на Москва која таму распореди контингент мировни сили.

Меѓутоа, последните месеци ЕУ и САД ја преземаа иницијативата привлекувајќи ја Ерменија и сакаат да учествуваат во преговорите додека Русија е преокупирана со војната во Украина за да ѝ го одземе влијанието на Кавказот.

Во Прага на 6-ти октомври, на маргините на состанокот на челниците на земјите на ЕУ со земјите кандидатки и партнери, се одржа средба меѓу Пашињан, Алиев, Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Но тие разговори не ја смирија ситуацијата и таа и натаму е нестабилна. Во септември во новите судири на граница меѓу Ерменија и Азербејџан загинаа најмалку 286 луѓе.