Путин: Важно е да продолжи примирјето

Во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателите на Украина и Франција, Петро Порошенко и Франсоа Оланд, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста од продолжувањето на прекинот на огнот во источниот дел од Украина.

Четворицата лидери се согласиле дека треба што побрзо да се организира трета рунда консултации меѓу претставниците на Киев и на југоисточните регионио на Украина.

– Путин побара и формирање на механизам за контрола за почитувањето на примирјето со активна улога на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, наведува Кремљ.

Претходно Елисејската палата соопшти дека Путин и Оланд се договорија да работат „на усвојување на еден договор за билатерален прекин на огнот меѓу украинските власти и сепаратистите“.

Во соопштението од Париз се посочува оти во текот на денот телефонски ќе разговараат министрите за надворешни работи на Русија и на Украина.

Едностраниот прекин на огнот прогласи Порошенко, кој истече вечерта на 27 јуни, но истиот беше продолжен за уште 72 часа, кој истекува во 22 часот по локално време (20 часот по средноевропско време).