Путин вели дека Украина не го сака мировниот план на Кина, му се закани на Лондон за гранати со осиромашен ураниум

Рускиот претседател Владимир Путин повтори во вторникот дека не гледа оти украинските власти се подготвени да најдат решение за судирот во Украина врз основа на мировниот план што го предложи Кина.

„Сметаме дека многу елементи од мировниот план кој го предложи Кина… може да послужат како основа за мирно решавање (на судирот), кога оние на Западот и во Киев ќе бидат подготвени на тоа. Меѓутоа, засега не гледаме таква подготвеност на нивната страна“, рече Путин по разговорите со кинескиот претседател Кси Џинпинг во Москва.

Рускиот претседател рече и дека на состанокот со кинескиот челник посветиле големо внимание на споменатиот мировен план.

Двајцата лидери истакнале дека „одговорниот дијалог“ е најдобриот пат за решавање на украинската криза, истакнуваат кинеските медиуми. Притоа се додава дека руската страна ја потврдила својата решителност мировните преговори да се одржат што поскоро.

Путин и Кси истакнале дека за решавање на украинската криза мора да се почитуваат „легитимните безбедносни причини за загриженост“ на сите земји и дека судирите мора да се избегнат, пренесува кинеската агенција Xinhua јасно алудирајќи на предлогот што Русија во декември 2021 година им го претстави на САД и НАТО, кој предвидуваше запирање на ширењето на Алијансата во близина на руските граници, не примање на граничните земји како Украина и Грузија, и враќање на натовските и американски бази и офанзивни оружја на позициите од пред 1997 година. Вашингтон и Брисел ги одбија предлозите на Москва за гаранција во однос на руските безбедносни загрижености.

Путин повтори дека во Украина станува збор за „посредничка војна“ против Русија и оти Западот е подготвен да се бори „до последниот Украинец“, пренесува агенцијата ТАСС.

Кси изјави дека Пекинг е „непристрасен“ во однос на судирот на Украина и дека ги поддржува мирот и дијалогот. Оцени дека разговорот со Путин бил „отворен и пријателски“.

Покрај тоа, Путин се закани со одговор доколку Велика Британија ги оствари најавите и на Украина ѝ испорача гранати коишто содржат осиромашен ураниум, кој покрај контаминација на почвата предизвикува и смртоносни заболувања кај луѓето на бомбардираното подрачје.

„Денеска дознавме дека Велика Британија … најави не само испраќање тенкови за Украина, туку и гранати коишто содржат осиромашен ураниум. Доколку тоа се случи, Русија ќе мора да одговори“, порача Путин без да прецизира во што би се состоел таквиот руски одговор.