Путин во посета на Кина, договорот за гас во центарот на вниманието

Рускиот претседател Владимир Путин допатува во дводневна официјална посета на Кина, каде што со Сји Џинпинг ќе се обидат да постигнат низа договори, вклучувајќи го и оној за снабдување на Кина со руски природен гас.

Станува збор за договор во кој официјалните лица на Москва и Пекинг преговараат веќе десет години, а кој предвидува дека Кина во наредните 30 години ќе увезува 70 милијарди кубни метри руски гас годишно, пренесува АФП.

Двајцата лидери во текот на дводневната посета на Путин во Шангај исто така ќе присуствуваат на регионален безбедносен форум каде што ќе разговараат со лидерите на Монголија, Ирак и Авганистан како и за почетокот на заедничките вежби на руските и кинеските морнарици во Источното кинеско море.

Со Путин во Кина ќе пристигне и делегација со повеќе десетина работни и регионални лидери, а рускиот претседател исто така ќе присуствува на потпишување на околу 30 договори, изјави неговиот главен советник за надворешна политика Јуриј Ушаков.

Русија и Кина и двете членки на Советот на безбедност на ОН со право на вето, последните години работеа на зајакнување на меѓусебните врски и често соработуваа со цел на ограничување на ширење на моќта на Вашингтон, наведува АФП.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.