Путин: Западот сака пад на Русија, а Москва мирна иднина

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во вторникот дека Западот го посакува единствено поразот и разгромот на Русија, а дека неговата земја сака мирна иднина, заблагодарувајќи им се на хероите до „специјалната воена операција“ во Украина, како што официјална Москва ја нарекува инвазијата во соседната земја.

„Нивната цел е единствено да го видат распадот на нашата земја“, рече Путин во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и нацизмот во Втората светска војна 9-ти мај кој во остатокот од континентот се одбележува последните години како Денот на Европа.

Обраќајќи му се на мноштвото собрано да ја проследи традиционалната голема воена парада на московскиот Црвен плоштад, Путин рече дека „вистинска војна е онаа којашто се води против нашата татковина“.

Додаде дека Русија сака мирна иднина, и повторно го обвини Западот за разгорување последните години „омраза и русофобија“. Ги обвини западните елити дека ги насрчуваат „народите едни на други, го делат општествата, предизвикуваат крвави судири“. А украинскиот народ го нарече „заложник на државниот удар и на западните амбиции“.

„Иднината на земјата зависи од руските борци во Украина. Целата земја е обединета во поддршката на нашите херои. Се молиме за вас“, им порача Путин на војниците на фронтот во Украина.

„Ништо во моментов не е поважно од вашата воена задача. Безбедноста на земјата денес зависи од вас, иднината на нашата земја и на нашиот народ зависат од вас“, рече Путин пред стројот војници меѓу кои и 500 кои учествуваат во борбите во Украина.

Рускиот претседател во говорот порача дека светот е повторно на пресвртница, алудирајќи на сѐ поголемите разидувања на ткн колективен Запад и другите земји како што се Русија и Кина којашто отворено говори за формирање на нов светски поредок.

„Цивилизацијата е повторно на пресвртница. Војната е покрената против нашата земја“, рече Путин.

По краткиот говор на рускиот претседател, илјадници војници продефилираа низ Црвениот плоштад.

Денот на победата е еден од најважните празници во Русија, кога луѓето се сеќаваат на огромната жртва на Советскиот сојуз за време на Големата татковинска војна од 1941-1945 година, која однесе животи на 27 милиони луѓе.

Шест лидери на Заедницата на независни држави (ЗНД), кои ја следеа парадата од трибините на Црвениот плоштад, пристигнаа во Москва за да го прослават Денот на победата.

Овогодинешната воена парада во Москва за Денот на победата е многу помала од вообичаеното. Нема посебна програма на руските воздухопловни сили, а на Црвениот плоштад поминале значително помалку војници од вообичаено.

Ќе недостасува и маршот „Бесмртниот полк“, кога Русите носат слики и натписи со имињата на нивните предци кои се бореле и загинале во Втората светска војна на улиците на нивните градови за време на парадите за Денот на победата. Кремљ тврди дека тоа нема да се случи годинава поради „безбедносни причини“.