Работилница: Македонија посветена на Целите за одржлив равој на ОН

целите

Крајните придобивки од усогласувањето на Целите ќе бидат подигнување на животниот стандард, побрз економски развој, подобрување на образовниот и здравствениот систем, на патната и комуналната инфраструктура, добро владеење, зајакнување на институциите, заштита на природните ресурси,…

Целите, пак, вкупно 17, се усвоени на јубилејното 70. Генерално собрание на ОН, од сите 193 земји-членки на ОН, меѓу кои и Македонија, под мотото „Никој не смее да биде запоставен“, а предвидуваат сериозна агенда против сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени на глобално ниво.

– Одржливиот развој е долг и комплексен процес за чија реализација се потребни и големи финансиски вложувања. Сите активности што ги презема Владата се насочени кон надминување на предизвиците во социјалната, економската и еколошката сфера како носечки столбови на одржливиот развој, истакна вицепремиерот и национален координатор на процесот за одржлив развој Владимир Пешевски.

Преку имплементацијата на стратешките документи, додаде Пешевски, Владата се стреми кон воспоставување општество засновано на знаења и политики кои истовремено ќе овозможат економски раст и развој, успешно прилагодување на стопанството кон климатските промени, зголемување на вработеноста, задржување на макроекономската стабилност, рационално искористување на ресурсите и заштита на животната средина со единствена цел – подобрување на животниот стандард и обезбедување просперитетна иднина за сите граѓани.

Координаторот на Обединетите нации во земјава Лујза Винтон оцени дека македонските национални стратегии се генерално добро усогласени со Целите за одржлив развој, а тоа значи, како што нагласи, дека земјата нема да почне од почеток.

– Сепак, некои стратегии се уште не се спроведени. Постојат сериозни предизвици за усогласување и можности за сериозен напредок, нагласи Винтон.

Според неа, Целите за одржлив развој на ОН се глобална заложба која ги обврзува сите да го почнат т.н. колективно патување.

Целите за одржлив развој се практично  т.н. Агенда 2030 која, како што се обврзаа земјите-членки на ОН, треба да се спроведе до 2030 година. Во неа, покрај 17-те цели, се содржани и уште 169 таргети, како и 230 индикатори.

Македонија и Обединетите нации  дополнително ја потпишаа и новата Стратегија „Партнерство за одржлив развој 2016-2020“, што е уште еден чекор напред кон усогласување на Целите.

Македонија има и Национална стратегија за одржлив развој, усвоена во 2010 година од кога и посветено, како што рече Пешевски, работи на креирањето силни институции, ефикасни секторски стратегии, политики и програми за пренесување на парадигмата на одржливиот развој во националните документи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.