Работната група за „Скопје 2014“ бара дислокација на спомениците и враќање на старите фасади

Работната група за проектот „Скопје 2014“, која ја координира архитект Мирослав Грчев, упати допис по повод јавната анкета за ДУП „Мал ринг“ на Општина Центар во кој бара да бидат обележани и дислоцирани сите незаконски подигнати споменици, како и да биде вратен стариот лик на фасадите во тој дел од градот.

Според основа на увидот во целокупната документација, Работната група утврдила дека при одлучувањето, финансирањето, изработувањето и подигањето на спомениците и другите артефакти, во сите случаи, без исклучок, биле прекршени предвидените законски процедури.

Имајќи ги предвид овие премиси, тие го разгледале и предлог-детален урбанистички план „Градска четврт Ц 01 – Мал ринг 1, Општина Центар – Скопје“ за планскиот период од 2019-2024 и утврдиле дека во него не се внесени постојните споменици и констатирале дека во предложениот документ не постојат ниту плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од т.н. проект „Скопје 2014“. Од друга страна, тие сметаат дека со невцртувањето на постојни градби и споменици во предлог-планот тој станува спротивен на законот, како да е правен на неажурирана геодетска подлога.

„Уште повеќе, не само што во предлог планот не постојат мерки за враќање на просторот во рамки на со закон утврдениот статус на земјиште за општа употреба, туку со него некои од спомениците се легитимираат така што им се потврдува незаконски формираната градежна парцела на земјиште за општа употреба и со планот им се даваат услови за градење, па така и овој план го претвораат во незаконски акт со кој се нарушува уставноста и владеењето на правото“, се вели во дописот што Работната група го доставила до градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тие сметаат дека за да се обезбеди ДУП за „Мал ринг“ да биде во согласност со Уставот и законите, и да ги исполнува начелата и целите на урбанистичкото планирање, планот треба да претрпи корекции.

Работната група, во која освен координатор Грчев членуваат и Никола Наумоски, Донка Барџиева Трајковска и Златко Теодосиевски предлага сите споменици што се изградени во планскиот опфат во периодот 2007 – 2016, како и оние што се во градба, треба да се регистрирани како постојни градби и да бидат во планот нацртани со геодетска линија како дел од постојната состојба и геодетската подлога.

Предметните незаконски споменици, според нив, треба да бидат нумерирани и обележани како постојни споменици во графичкиот дел од планот, додека во текстуалниот дел од планот, во Општите одредби за спроведување, треба да стојат со број и опис, по кој треба да се формулира општата планска одредба дека со планот се предвидува нивно дислоцирање и доведување на јавните површини во првобитна состојба.

„Овие забелешки особено се однесуваат на Споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија, кои на најбрутален начин се ставени сред сообраќаен коридор, за коишто спротивно на Устав и закон се формирани градежни парцели на сметка и во земјиште за општа употреба, јавна патна површина – градска улица и јавен простор: овие споменици не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење во предлог планот, туку само со геодетска линија, како постојна состојба. Под истиот третман мораат да бидат и т.н. Шпански скали, со геодетска линија што ја опцртува катастарската парцела на незаконски отуѓената и приватизирана јавна површина: таму во планот не треба да има ништо друго освен јавна плоштадска површина. За овие три објекти, уредувањето на планските одредби со кои во планот се предвидува враќање на статусот на јавната улична површина и нејзино доведување во првобитна состојба, треба да се помести во текстуалниот дел од планот и во Општите и во Посебните одредби за спроведување на планот“, укажуваат од Работната група.

Во однос на т.н. галии, тие според нив, треба да бидат обележани (со нумерација и опис во легендата) и за нив во Општите одредби за спроведување на планот треба да се одредат плански одредби за нивно отстранување, поради незаконското градење (без хидротехничка студија што ја докажува нивната безбедност) и поради фактот што драматично ја нарушуваат јавната безбедност и ги зголемуваат ризиците од поплавување и разурнување во центарот на градот.

„Во Општите одредби за спроведување на планот треба да се уредат мерки за ревизија на сите други објекти во коритото на Вардар, незаконски изградени во предметниот период на реализација на „Скопје 2014“ и отстранување на оние што ги зголемуваат ризиците од плавење како и другите што и пречат на основната функција на коритото или на друг начин се спротивни на законот“.

Тие, исто така сметаат дека во Општите одредби за спроведување на планот треба да има дел што ќе одреди мерки за враќање на оригиналните фасади на згради што имаат големо значење како културно наследство и високи архитектонски квалитети, како што се зградите на бивша НАМА, ЕВН, МЕПСО и други (при што во графичкиот дел од планот градежната линија на објектот на ЕВН треба да се совпаѓа со линијата на оригиналниот објект – а не со линијата на незаконската фасада, исто како што за објектот на бивша НАМА шрафурата за намена на објектот треба да биде само на површината на оригиналната основа, а не и врз незаконски исфрлениот трем).

Во планот, Работната група смета дека треба да се поништат сите мали градежни парцели што се формирани на земјиште за употреба и потоа отуѓени, а земјиштето повторно да добие статус на земјиште за општа употреба, додека овие и слични намени треба да се решаваат со урбана опрема или монтажни објекти со краткотраен закуп на земјиште за општа употреба (трафики и други мали услужни и трговски објекти).

„Со овие забелешки се утврдува политиката на враќање на законот во центарот на Скопје, враќање на правата на граѓаните на јавен простор и визија за градски и граѓански центар ослободен од товарот на фашизоидни и други радикални, националистички и налудничави злоупотреби што го претворија центарот на Скопје во европска престолнина на кичот и политичката злоупотреба“, велат од Работната група.

Оттаму укажуваат дека планерите и особено органите на Општина Центар треба да знаат со сигурност дека ниту еден процес или негово непостоење, за ниту еден случај од планскиот опфат, што се однесува на сопственоста на објектите и земјиштето или пак на правниот статус или се во судска постапка од кој било вид, не се релевантни, не се однесуваат и не треба да влијаат на планерските одлуки за расчистување на криминалното наследство од „Скопје 2014“ што ја детерминираат иднината на центарот и на престолнината.