Работната виза го кочи увозот на стручен кадар

Може да се рече дека земјава има најригорозен визен режим и режим на добивање на работна дозвола за странски државјани. Тоа е еден од најголемите проблеми кои ги посочуваат странските инвеститори во земјава, вели Антони Пешев од Стопанската комора

Високостручниот кадар кој треба да го донесат во земјава странските инвеститори со месеци чека македонска виза и работна дозвола. Овој кадар, дополнително има проблем и со оданочувањето на платата, а честите промени на законите и нефункционирањето на правната држава се проблем кој предизвикува нестабилност кај бизнисите. Ова денеска беше речено во Стопанската комора на прес-конференција на која беа презентирани можностите за соработка на економиите на земјава и Италија.

„Може да се рече дека земјава има најригорозен визен режим и режим на добивање работна дозвола за странски државјани. Тоа е еден од најголемите проблеми кои ги посочуваат странските инвеститори во земјава. Познато е дека за да донесат експерт од нивната земја со цел да го презентира процесот на работа или да работи во инвестицијата во земјава, тој треба да помине низ комплицирани процедури и да чека со месеци за да добие работна дозвола. Ова е спротивно на прокламирањето на земјава за отворена за странските инвеститори“, рече Антони Пешев од Стопанската комора.

Додаде дека покрај ова за кадарот кој доаѓа од странство да работи во странските инвестиции од земјава проблем е и оданочувањето на платите.

„Промената на персоналниот данок беше проблем најмногу за оваа категорија работници. Тие овде земаат плати според критериумите во нивната земја и огромен дел од платата требаше да платат за даноци – рече Пешев.

Пешев укажа и на проблемот кој го детектирале не само странските бизнисмени, туку и домашните, а тоа се честите промени на законите и функционирањето на правната држава, кои, како што рече, дополнитлено го отежнуваат работењето на компаниите и нивното планирање на идните потези.

„Познато е дека странскиот инвеститор не носи пари во земјава за да оди од неа за една или две години и без никаков ефект од инвестицијата. И затоа бараат предвидлива рамка во која ќе функционираат – вели Пешев.

За странските и за домашните бизнисмени спорно е и владеењето на правото, како и бавната администрација.

Покрај ова, како што рече италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео, за италијанските компании проблем е и недостигот на квалификувана работна рака.

„Компаниите се соочуваат со потребата да ги испраќаат на обуки пред да ги ангажираат во процесот на производство. Затоа е потребно во земјава да се реализираат вакви обуки“, рече Ромео.

Информираше дека и во Италија компаниите се сооочуваат со недостиг од работници, но додаде дека таму институциите ги субвенционираат обуките на оние кои сакаат да работат. Ромео не криеше дека последните години има зголемување на бројот на македонски работници кои одат на привремена работа во Италија.

„Нивното присуство во Италија има позитивно влијание во нашата економија. Компаниите меѓутоа се принудени да ги дообучуваат“, рече Ромео.

На прес-конференцијата беше речено и дека економската соработка меѓу двете земји се одвива во нагорна линија, но дека инвестициите од Италија во земјава последните години се намалуваат. Во земјава има 130 компании италијански инвестиции кои инвестирале 122 милиони евра. Само лани тие инвестирале 11 милиони евра. Лани трговската размена на земјава со Италија изнесувала 649 милиони евра, од кои италијанскиот извоз изнесува 471 милиони евра, а македонскиот извоз 173 милиони евра.