Работнички му го нанесе првиот пораз на ТФТ сезонава

Кошаркарите на Работнички славеа над ТФТ Скопје со 105-92 во најинтересниот меч од денешната програма во првата лига.

Избраниците на Тони Симиќ одиграа фантастично во првите 20 минути во кои постигнаа 62 поени (62-49) и на пауза заминаа со двоцифрена предност.

Тој ритам, темпо не го задржаа во вториот дел во кој противникот се закануваше, меѓутоа центарци во ниту еден момент не ја испуштија позитивата и сосема заслужено дојдоа до четвртото славје во петтиот првенствен натпревар.

Брилијантен беше Пол со 29 поени, 5 скокови и 15 асистенции, капитенот Марковски додаде 20 кошеви со 6 скокови. Кај ТФТ за кого ова беше прв пораз во шампионатот Костоски уфрли 25, а Хортон 22 кошеви.

На другите две средби Кожув беше подобар од Феникс со 91-83 и Гостивар како гостин ги надигра Ангели со резултат 88-74.