Работниците демонстрираат во „Фокскон“, најголемата фабрика за ајфони во Кина

Во најголемата кинеска фабрика за „Ајфон“ (iPhone) , што е во сопственост на тајванскиот подизведувач „Фокскон“(Foxconn), денеска се организираа демонстрации, што можеа да се видат од снимките објавени на социјалните мрежи Веибо и Твитер.

Сликите покажуваат голем број работници како шетаат по улица, а некои од нив стојат пред редот од лица во бели заштитни комбинезони и полицајци опремени за борба со демонстранти.

Работниците протестираат поради спорните договори и засилената контрола за Ковид-19.

Работниците извикуваа „Бранете ги нашите права“ пред полициските кордони и полициско возило со вклучени ротирачки светла.

Фабриката се наоѓа до градот Џенгџу, во централната провинција Хенан.

Во комплексот се вработени повеќе од 200.000 лица, од кои повеќето се наоѓаат во рамките на фабриката.

Фабриката во Џенгџу во последните месеци бележи зголемување на бројот на случаи на Ковид-19. Компанијата „Фокскон“ одлучи да ја затвори фабриката и работници во неа поради избувнувањето на заразата, но стотици работници по донесената одлука побегнаа во паника од неа, кон крајот на минатиот месец.

Тајванската групација е најголемиот работодавец во приватниот сектор во Кина, со повеќе од еден милион вработени низ целата земја и околу триесет фабрики и истражувачки институти.

„Фокскон“ засега не излез со соопштение за јавноста во врска со демонстрациите.