Работниците во „Фени“ прогласија победа, изгласан планот за реорганизација

Швајцарската компанија ГСОЛ од закупец стана сопственик на „Фени“. Собранието на доверители го изгласа планот за реорганизација предложен од ГСОЛ, а веста за прифатениот план вработените кои протестираа пред судот ја примија со аплауз. Тие слават во Велес и извикуваат „Победа, победа“.

Ова е победа за работниците и иднина за „Фени“ со ГСОЛ“, рече Душко Николов, претседател на Синдикатот на „Фени“. Адвокатите на „Минстрој холдинг“ ги испратија со скандирање „Минстрој оди си дома“.

Утрово со транспаренти дел од вработените дојдоа да дадат поддршка на ГСОЛ кој со месеци им исплаќа плати, а од март го рестартираше и производниот процес. Планот на денешното собрание на доверители беше прифатен со 96 отсто од гласовите.

Против гласаа само „Нова логистик“ и „Минстрој холдинг“ како ополномоштеници на неколкуте фирми регистрирани во Белизе кои имаа побарувања од 0.05 отсто од „Фени“, а ги застапуваше адвокатот Бранко Колев.

Одборот целосно и ја олесни работата на стечајната судијка Валенина Ѓорѓиевска со тоа што за планот гласаа над 95 отсто од доверителите. Таа треба да ја донесе конечната одлука и да ја затвори стечајната постапка за „Фени“.