Работодавачите и работниците не треба да се гледаат низ нишан

Работодавачите и работниците не треба да се гледаат низ нишан, треба да се почитуваме меѓу себе, да градиме компромиси во интерес на сите, порачаа работодавачите по денешната средба на Економско-социјалниот совет. Синдикатите, пак, велат дека и натаму ќе се борат за правата на работниците, иако во нивните изјави и ставови има разлики дали и колку власта направила во овој период за заштита на нивните права и во однос на функционирањето на овој совет.
Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи која претседаваше со Советот изјави дека има прашања и проблеми кои треба да се решаваат, но оти низ разговор и компромис можат да се надминат.

– Целта на состанокот беше да се запознеме со општата ситуација и со претставниците на самиот Совет. Првите заклучоци, според изјавите кои ги добивме се дека има одредена дискрепанца во однос на нормалното секојдневно функционирање на ЕСС во однос на забелешките кои ги давале на состаноците, но ќе треба повеќе да навлеземе во проблематиката, да ги ислушаме сите страни. Сите проблеми се надминливи. На денешниот состанок наидовме на блага тензија меѓу синдикатите и делумно работодавачите, но не верувам дека овие проблеми не можат да се надминат, рече министерката.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, истакна дека државата не се наоѓа на почеток на 20 век за класната борба и омраза помеѓу работодавачите и работниците да биде основа за напредок.

-Ние работодавачите и работниците не треба да се гледаме преку нишан. Треба да се почитуваме помеѓу себе треба да градиме компромиси меѓу нас и заеднички да ги сфаќаме различните интереси, рече тој.

Во однос на ставовите на различните синдикални преставници тој истакна дека тие како и работодавачите во преговорите треба да се водат од интересот на работниците и да не дозволат да бидат искористени политички.

Во врска со одредени барања на синдикатите поврзани со поголеми права на работниците тој истакна дека сака да ги чуе сите ставови, оти ги почитува, како и низ отворени разговори и реално согладување на состојбата во државата може да се дојде до компромис. Проблем, според него, не е тоа што во земјава има лоши закони, туку што тие не се почитуваат. Но, рече, време е да не се зборува општо за непочитување на правата на работниците, и дека сите работодавачи се експлоататори, туку тие да се посочат со име и презиме и државата сите заедно во државата да се борат против нив.

Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати истакна дека во изминатиот период Економско социјалниот совет не функционирал согласно со законот и оти биле носени одлуки за суштински закони во делот на работничките права без кворум и заклучоци. На дневен ред, рече, и покрај повеќекратни барања на КСС не било ставано, ниту усогласувањето на платите во јавниот сектор по покачувањето на минималната плата.

Од друга страна, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски смета дека овој совет функционирал добро во изминатиот период, за што,според него, говори донесувањето на повеќе битни закони, како тој за покачување на минималната плата, за младински додаток, субвенционирање на покачување на платите на работниците, но и отворање расправа за нов закон за работни односи за да се вградат поголеми работнички права.

Економско социјалниот совет, претседателот на СОНК Јаќим Неделковски, го искористил, како што рече, да укаже на мешањето на државата и работодавачите во синдикалното организирање, за што, според него, пример е и последниот случај на УКИМ каде експресно се формирал синдикат за да се исплатат повисоки плати за 10 отсто.