Радев го шири списокот – Сега и државните и научни институции ширеле говор на омраза!

Старо-новиот бугарски претседател, Румен Радев, на вчерашните средби со германскиот и францускиот претседател Штајнмаер и Макрон, за првпат изелезе со проширена листа за тоа кој се во Македонија користи говор на омраза спрема соседна Бугарија.

Ако до сега тоа беа главно медиумите и учебниците по историја, Радев сега на списокот ги стави и државните и научни институции! За жал, притоа тој не даде никакви дополнителни објаснувања. Ваквиот став значи дека во Македонија постои државен, институционален и научен говор на омраза спрема соседната држава.

Ова, пак, во крајна линија се совпаѓа со великобугарските хегемонистички тези за негација на македонизмот како основен „непријател“ на бугарштината во Македонија, иако, за волја на вистината, Радев не го спомена експлицитно.

Зашто, надвор од здравиот разум е да се тврди дека во Македонија постои некаков државен, институционален и научен говор на омраза спрема соседна Бугарија и Бугарите како народ и нација.

Ако Радев мислел на македонизмот и тоа го изнесува во некоја завиена форма, ова ќе биде прв ваков отворен официјален атак врз суштината на етногенезата и опстојот на Македонците воопшто. А, со тоа и сите останати прашања за фалсификување на историјата, за спомениците, за окупацијата, ослободувањето или администрирањето за време на Втората светска војна, како и безусловното ставање на македонските Бугари во Уставот ќе станат уште по нерешливи.