Радев: Кабинетот на Петков да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото

Бугарскиот претседател Румен Радев рече дека кабинетот на премиерот Кирил Петков мора да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Северна Македонија.

Бугарскиот претседател потсети дека следната недела Петков заминува во Брисел.

„Владата сноси целосна одговорност додека Народното собрание не одлучи поинаку. Народното собрание и Бугарите мора однапред и јасно да знаат за каква позиција ќе се залага премиерот. Секоја измама или обид за нејзина замена ќе има тешки последици“, изјави Радев.

Тој додаде дека со горчина го следи распадот на бугарското собрание, а партиите мора да бидат свесни дека со овие калливи борби го дискредитираат целиот политички систем.

„Собранието не е пазар – едни купуваат пратеници, други се поканети да преговараат за враќање на стариот корупциски модел. Двете страни ја убиваат довербата и надежите на Бугарите“, додаде Румен Радев.

Луѓето очекуваат брзи одлуки, животот поскапува, предупреди шефот на државата.