Радман: Преговорите со Северна Македонија и Албанија важни за кредибилитетот на ЕУ

39

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, пред европратениците повтори дека Западниот Балкан е врвен приоритет за хрватското претседателство и во тој контекст отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија имаат посебна важност за кредибилитетот на Европската Унија.

-Кредибилитетот на Европската Унија како светски играч треба да го положи тестот на успехот во нејзиното непосредно соседство, изјави Радман пред членовите на комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент.

Успех во непосредното соседство на ЕУ за министерот пред сѐ значи успех во регионот на западниот Балкан.

-Акцентот треба да се стави на стабилноста и безбедноста во непосредното соседство, отпорноста и реформските напори. ЕУ има добри причини да продолжи да се посветува на зајакнувањето на европскиот континент и да не дозволи ниеден регион во Европа да скршне од патот, изјави тој додавајќи дека на долг рок не е одржливо да има европски земји кои не се членки на ЕУ.

Во тој поглед оцени дека отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија „ќе биде јасен знак дека пристапот на ЕУ кон нејзиното најблиско соседство е стратешки“.

Шефот на хрватската дипломатија побара да се вложат максимални напори и со Босна и Херцеговина, додека преговорите со Србија и Црна Гора треба да станат подинамични, изразувајќи истовремено надеж дека за Косово ќе се отвори европска перспектива.

Хрватска го прогласи проширувањето кон западниот Балкан како еден од нејзините врвни приоритети за време на нејзиното претседавање со ЕУ во првите шест месеци од оваа година. Во мај во Загреб ќе се одржи лидерски самит на земјите членки на ЕУ и државите од западниот Балкан.

Северна Македонија се надева да добие почеток на преговорите со ЕУ пред тој самит, идеално во март. Претходно, Европската Комисија е задолжена да објави извештај за новата методологија на преговарачкиот процес како што побара Франција во октомври. Овој извештај беше планирано да биде објавен на 29 јануари, но според изворите на МИА во Европската Комисија, неговото објавување е одложено за една недела, на петти февруари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.