Радничка одмара се класа!

Постарата генерација се сеќава можда на оваа песна во бившата ни држава Југославија која беше хит во текот на летниот период и одморите кога целокупната „радничка класа“ се слеваше и одмараше во некои од популарните работнички одморалишта.

Можеби во сатира е кажано ова, но верувајте со душа се чекаа летните одмори за да го запалиме популарното „фиќо“ или фризираното „југо“ и да ја дувневме некаде на одмор. Инаку групата се викаше „Права котка“, ја имаше само оваа песна која имаше наслов „К-15“ и се изгуби наеднаш (можеби баш поради песната постанаа нестали у акција), побарајте на некој од музичките канали и послушајте ја обавезно.

Која е поврзаноста со песната и мојава денешна колумна. Има неколку моменти кои треба да се таргетираат буквално од песната. Првиот е што туризмот во тоа време беше организирана дејност, каде работничката класа резервираше однапред одмори по некои пониски цени нормално ако си од таа организација. Така се потикнуваше туризмот на државно ниво, се доделува посебни фондови за тоа, па и насловот на горе споментата песна К-15 не е за џабе насловна нумера. Имено К-15 тогаш се доделуваше баш за таа намена, да му се доделат одредени финансиски средства на работникот да ги потроши во текот на неговиот годишен одмор. Намерно или ненамерно пред повеќе од 15 години, со посредство на ММФ се укина овој фонд кај нас, со изговор дека е застарен „комунистички“ метод, демек. Меѓутоа од пред некое време истиот повторно се воведе, но само за приватниот сектор, а од брзо време најава има дека повторно ќе биде доделен и на државната администрација, нормално не за намена за одмор, туку кај нас за подмитување на администрацијата, зашто избори се ближат нели.

Вториот момент е што таа „радничка класа“ како таква организирана, а верувајте бројката беше милионска, кога ќе се одлееше во тие големи одморалиштни капацитети, денес читајте хотелски капацитети, беше потребна исто таква „радничка класа“ да ги прифати и угости овие милионски К-15 туристи. Е тоа најважниот момент, каде се најдат толкав голем број на потребни работници, добро истренирани, угледни и поштени работници (повторно за постарата генерација, се сеќавате на оние чичковци исчешлани, дотерани во црно одело, бела кошула и лептир машна, добро во лето беа со бела кошула со кратки ракави и повторно задолжителна црна лептир машна).

Верувајте и во тоа време, но во паралела и денеска уште потешко се пронаоѓаше таква организирана „радничка класа“. Паралелата ќе ја правам денеска, кога имате уште поголем број на сместувачки и ресторански капацитети, но се помалку луѓе (овде намерно го изоставувам зборот „радничка класа“, зашто денеска по објектите работат секакви луѓе, само не прави угостителски работници). И доаѓаме до поентата, денес луѓе за работа, во било која дејност, а нас не интересира угостителството, нема ни за лебац. Да, да ни за лебац. Нема ден да не ми се обратат еден куп газди на овие објекти да ми побараат пазете не некои, туку добри примерни работници. Епа господа тешко дека ќе најдете некои, а не пак добар, поштен и саглам работник. Извинете тие се веќе одамна заминати од оваа наша мила државичка, барајќи за себе и за својата фамилија поголема финансиска добивка и стабилен и мирен семеен живот.

За ЖАЛ, работничка класа кај нас се повеќе и повеќе ќе недостасува во скоро сите сектори, а посебно во угостителството. На оваа тема зборев со години наназад дека ќе се сведеме еден ден да популарните газди молат за обичен работник, а не за добро истрениран и почитуван угостителски работник.

Пред неколку години (инаку во моите титули, доле потпишани, недоставува и уште титулата сертифициран угостителски тренер преку швајцарската Висока школа од Луцерн, но ќе речете пак овој нешто се фали), истражував какво е задоволството на угостителскиот работник во Хрватска, Босна и Црна Гора, споредено со нашата Македонија и бевме на посета во неколку објекти во Дубровничкиот регион, градот Требиње кој е на само 30 километри од Дубровник горе во брдата и Подгорица. И што покажа истражувањето. Патем ако се знае дека работната сила во угостителството е од сезонски карактер, во разговор со некои од газдите и менаџерите на најпрестижниот туристички регион Дубровник, работничка класа посебно од типот на рецепција, собарици, келнери и посебно кувари имаат огромна побарувачка. Замислете само платите овдека за овој тип работници се движат од 700 до 1000 евра, плус сместување и храна.

Е сега Хрватска е Европска унија нели, па нивните работници сезонски мигрираат во виско развиените туристички држави Италија, Шпанија, Франција итн, каде платите се два до три пати поголеми. Ист е случајот и со работниците од босанско херцеговскиот град Требиње, кој е само 30 км од Дубровник, а каде платите на угостителите им се просек 300 евра, па сета „радничка класа“ е слеана доле на море у Дубровник, нормално за плата од 700 до 1.000 евра. Ист е случајот и со Црна Гора, каде просечната плата е 300 евра. Треба ли да ја спомнуваме Македонија! Нашата работна сила е во Хрватска, Малта, Грција и во последно време се повеќе Дубаи и арапските држави, овде мислам на угостителството нормално.

Одговорот е јасен. Нели? Прв и основен извор се парите, секој сака поголема плата и пари за трошење и уживање. Тие средства на тој угостителски работник му се потребни да ги потроши за свои неопходни потреби, комуналии, облека, храна или повторно да ги потроши во туризмот. Втор извор е „вниманието“ кон таа „радничка класа“, почитувани господа и газди. Внимание не само во однос на платата, туку „лично внимание“ како човек кој ви носи заработка, кој плоди и создава во државниот буџет и „професионално внимание“, надградувајќи го својот работник со обука, тренинзи и професионализам.

Помина ерата на неравнотежена побарувачка со понуда на работна сила на пазарот, доаѓа ера на се поголема побарувачка, а се помала понуда на пазарот, посебно на професионализам. Посебно државата управа треба да стави прст на глава и да размисли што се случува со работната сила во Македонија, зашто е толкава миграција на таа сила во странство, посебно одлив на мозоци, високо квалификувана сила, работна сила кои фамилијата пред се па и државата вложувала во нив истите, а други држави ги добиваат така спремни како готов производ, платени за упола цена кај нив. Затоа просечната плата ќе ја достигне таа ветена изборна цифра од 500 евра, зашто квантитетот и квалитетот на сопствената работна сила се повеќе од година во година се смалува, мигрира во другите држави барајќи поубав живот и поголеми плати и почит кон нив.

Денес прочитав тотална небулоза, смешно истражување и пофалба од канцеларијата на еден вицепремиер. Се слави намалувањето на мигрирањето на домаќинствата во нашата држава. Демек се намалило оваа година на само 7% во однос на 16% изминатата година во март, а замислете пред три и повеќе години имаме 20% оваа година, споредена со 19% од изминатата година. Има ли пилот во авионот? Споредувате изминатата година кога имаше пандемија на светско ниво и беа затворени сите граници во светот!!! Што ќе биде допрва со отварањето на границите, а еве брзо тоа се остварува. Ставете прст на главата, инаку ќе немате луѓе со кого да владеете почитувани господа и кој да ве избира на следни какви и да се избори. А, вие мои почитувани колеги и газди, седнете заеднички сите и направете една фер политика за вашите вработени, размислете што треба да понудите да ги задржите угостителските работници, инаку ќе останете без заработки и без „радничка класа“.

ПС: Авторот на текстот упатува молба за без навреди почитувани сите спомнати, сфатете го ова најитно како добар совет.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес