Радончиќ: Ако Турција ги пушти мигрантите ќе настане хуманитарна криза

Претставници на Босна и Херцеговина денеска изјавија дека се надеваат дека Турција сепак нема да ги отвори границите за мигрантите, истакнувајќи оти тоа би предизвикало хуманитарна катастрофа, а исто така и големи проблеми во БиХ.

– Очекуваме Република Турција да го почитува договорот со ЕУ. Пуштањето на повеќе од три милиони бегалци кон ЕУ е увод во хуманитарна катастрофа од невидени размери и во тој случај заедничкиот одговор на сите земји-членки на ЕУ и регионот во целост ќе биде неминовен и единствена опција, изјави босанскиот министер за безбедност Фахрудин Радончиќ.

Тој додаде дека БиХ ги проверува информациите за одлуката на турските власти да ги отвори границите за мигрантите. Радончиќ истакна дека се надева оти Турција одговорно ќе постапи и нема да се случи масовен егзодус.

– И претходно се видени случаи и најави од Анкара, но Република Турција на крајот секогаш постапила одговорно и солидарно. Се надеваме дека тоа ќе се случи и сега, наведе Радончиќ.