Рагми Мустафа: Прешевската долина бара обединување со Косово

70

Албанците од Прешевската долина бараат реализација на референдумот од 22 март 1992 година за обединување со Република Косово.

Ова го изјави Рагми Мустафа, претседател на Демократската партија на Албанците во Прешево и поранешен градоначалник на Прешево, за тиранската телевизија Ора њуз.

Додава дека ова барање ќе го претстави до сите политичари присутни на конференцијата организирана од албанскиот министер за надворешни работи Гент Цакај на тема „ Улогата на Албанија во промовирањето на интересите на Албанците во Западен Балкан “.

Посочува дека „во сите овие трендови и движења што се случуваат меѓу Белград и Приштина, за правата на Србите на Косово, за Прешево, Бујановац и Медвеѓа кои се наоѓаат во Србија, да се постави реципрочно барање“.

Според него, оние права што Србија ги бара за Србите во Косово, со меѓународни гаранции, да им се дадат и на Албанците во Прешевската долина.

-Албанците во Прешевската долина чекаат не помалку од 100 години, никогаш не верувајќи дека Србија, дури и ако се постигне договор, ќе ги спроведе правата на Албанците во Прешевската долина. Ние секако сакаме реализација на референдумот од 22 март 1992 година, реализација на идеалот на војниците на Ослободителната армија за Прешево, Бујановац и Медвеѓа и националните херои, на политичката платформа донесена од албанските политички партии во 2006 година, која прецизно ги одредува сите барања на Албанците, со оглед дека референдумот од 22 март 1992 година се занимава со круцијалното право Прешево, Бујановац, Медвеѓа да се обединат во Република Косово каде што е и нивното место, изјави Мустафа.

Нагласи дека до 1957 година долината била територијален дел на Република Косово се додека „Србија не интервенирала со цел да ги раздели Албанците“ и додаде дека Албанците во Прешевската долина се во најлоша екстремна позиција во оствараување на своите права и во најлоша економска состојба.

-На Конфренцијата ќе побарам од сите присутни од албанската политика да ја поддржат иницијативата, меѓународното право на Албанците во Прешевската долина за обединување со Косово. Неодамна се случија некои интересни фрустрации во албанската политика во Република Косово, за да се избегне ваквото барање на Албанците, зашто Србија ќе побара нешто од Косово, констатира Мустафа.

Тој се надева дека министерот Цакај сериозно ќе го сфати прашањето за Прешевската долина и најави дека на 28 ноември, Денот на независноста на Албанија и Денот на албанското знаме, ќе протестираат за симболите нагласувајќи дека ги „признаваат единствено албанските национални симболи“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.