Рахој: Владата може да користи уставни овластувања да ја суспендира одлуката за независност на Каталонија

Шпанската влада би можела да ги користи уставните овластувања за да ја суспендира одлуката за независност на нејзината автономна покраина Каталонија, изјави во саботата шпанскиот премиер Маријано Рахој во интервјуто за тиражниот дневен весник El Pais.

Запрашан дали е подготвен да го покрене членот 155 од Уставот на Шпанија кој ѝ дава правна можност на централната влада во Мадрид да ја укине автономијата на Каталонија како и да ги преземе сите институции на власта во оваа покраина, премиерот Маријано Рахој одговара дека не исклучува апсолутно ништо што е според законот.

Додава дека и планира сѐ до завршувањето на кризата да ги остави дополнителните четири илјади полицајци коишто владата ги испрати во Каталонија за да го спречат референдумот за независност на 1-ви октомври.

Рахој наведува и дека нема да бидат распишани вонредни парламентарни избори, како и дека ја исклучил можноста од меѓународно посредување како начин за решавање на кризата во Шпанија, како што тоа го побара каталонскиот претседател Карлес Пучдемон.

За независноста на Каталонија се изјасниле 90,18 отсто од гласачите кои излегоа на референдумот за самоопределување, а излегоа над 2,6 милиони од ,3 милиони избирачи, кој се одржа минатата недела, според резултатите коишто каталонската влада во петокот му ги предаде на регионалниот парламент.