Рахој во Барселона вети дека ќе стави крај на „сепаратистичкиот хаос“

Ден откако во Барселона се собраа најмалку 750.000 поборници на независноста на Каталонија, во покраинската престолнина допатува шпанскиот премиер Маријано Рахој кој рече дека регионалните избори ќе помогнат да се заврши „сепаратистичкиот хаос“ и го повика таканареченото „тивко мнозинство“ да излезе на изборите на 21-ви декември во одбрана на целокупноста на Шпанија.

„Мораме да ја вратиме Каталонија од хаосот на сепаратизмот. Со демократијата сакаме да ја вратиме Каталонија за сите“, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој, на партискиот собир одржан во хотел во Барселона на кој биле присутни 1.500 луѓе.

Во својата прва посета на каталонската престолнина откако оваа североисточна покраина со 7,5 милиони жители изгласа независност, Рахој повика на масовно излегување на предвремените парламентарни избори кои ги распиша променувајќи го членот 155 од шпанскиот устав со кој ја суспендираше автономијата на покраината и владата во Мадрид го презема управувањето со телата на покраината а ги отстрани од должностите избраните каталонски функционери.

„Сакаме масовен одѕив на изборите за да започне една мирна етапа… Потребно е што поскоро да се врати Каталонија во нормалата и да се смират општествените тензии“, рече Рахој алудирајќи на распишаните предвремени избори на 21-ви декември кога се надева дека ќе бидат победени партиите коишто ја заговараат независноста на Каталонија а кои имаа мнозинство во сегашниот покраински парламент.

„Потребно е на нив да излезе тивкото мнозинство. Тие избори ќе бидат вистински, законски и демократски“, изјави Рахој на собирот на неговата Народна партија (PP) од десниот центар во Барселона.

Во саботата поборниците на независноста на Каталонија изведоа на улиците 750.000 луѓе со што покажаа дека мерките воведени од Мадрид не ги обесхрабриле во барањето за независна Република Каталонија. Демонстрантите бараа ослободување од притвор крај Мадрид на осумте сменети членови на каталонската влада и ослободување на двајцата челници на граѓанските здруженија кои се во затвор од средината на октомври под обвинување дека подготвувале и организирал бунт против Шпанија. Повеќе од 20 каталонски функционери се обвинети за бунт против шпанската држава, непослушност, користење јавни средства за организирање на референдумот за независност и одбивање да го спречат неговото одржување како што наложи шпанската влада и уставниот суд.

„Што би сториле Франција или Германија доколку некој од нивните региони еднострани прогласи независност?“, запраша Рахој.

Каталонскиот парламент на 27-ми октомври изгласа независност врз основа на резултатите од референдумот од 1-ви октомври кој го забрани Мадрид. Следниот ден шпанската влада го активираше членот 155 со цел да ја задуши независноста и ја распушти каталонската влада.

„Членот го активиравме со поддршка на мнозинството во шпанскиот парламент и откако беа исцрпени сите можности за дијалог. Го активиравме за заговорниците на независноста да завршат со својот делириум. Сакаме да го вратиме соживотот во Каталонија. На заговорниците на независноста ќе им возвратиме со устав, со каталонскиот статут и со здравиот разум. Ќе им возвратиме со Каталонија… со Шпанија и со Европа. Претворете го својот глас во глас на изборите“, апелираше Рахој.

Изминатава седмица започнаа составувањето на кандидатските листи и партиските коалиции. Изборите кои ќе се одржат за 40 дена неофицијално се толкуваат како „Да“ и „Не“ на Каталонците за останување во Шпанија, односно показател што мислат 5,3 милиони жители со право на глас. Анкетите главно покажуваат дека резултатот е неизвесен, односно дека партиите кои ја изгласаа независноста сѐ уште имаат значителна поддршка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.