Ракетен напад врз аеродромот во Багдад

Неколку ракети го погодија во петокот комплексот на Меѓународниот аеродром во Багдад и соседната област на американска воздухопловна база при што е оштетен патнички авион, соопшти ирачката полиција.

Полицијата не извести за повредени, ниту за некаква друга штета. Оштетениот авион во сопственст на компанијата „Iraqi Airways“, но тој бил надвор од употреба. Според истиот извор најмалку шест ракети биле истрелани врз аеродромот.

Ирачката државна новинска агенција извести, повикувајќи се на тамошната воздухопловна служба, дека немало пречки во работата на аеродромот, ниту во патничките летови.

Американската воздухопловна база позната како „Кемп Виктори“ се наоѓа во близина на багдадскиот аеродром, на нејзиниот краен дел.

За ракетниот напад американски и некои ирачки функционери ги обвинуват шиитеските паравоени групи поврзани со Иран, кој се противат на присуството на американската војска во регионот. Ваквите напади врз багдадскиот аеродром редовно се случуваат последните години, но за последниот засега никој не ја презема одговорноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.