Ракетен напад врз аеродромот во Багдад

Серија силни експлозии ноќта кон петокот ја потресла областа на меѓународниот аеродром крај ирачката престолнина Багдад при што се ранети најмалку 12 ирачки војници, а медиумите јавуваат за една цивилна жртва.

Како што јавува телевизијата Al Hadath, во близина на аеродромот се наоѓа американска воена база, којашто веројатно била цел на гранатирањето од ракетни фрлачи. Телевизијата јавува за 12 ранети ирачки војници на контролен пункт на влезот на аеродромот.

Телевизијaта Al Sumaria јавува дека една од ракетите погодила цивилен автомобил, при што возилото се запалило а загинал возачот. Во прилогот се додава дека имало три детонации во областа на карго-терминалот на багдадскиот аеродром, каде има повредени цивили.

Претходно беше јавено дека во ракетирањето има неколку жртви. Според извори од ирачките безбедносни сили, ракетите паднале во воени објекти на ирачката армија и меѓународната коалиција предводена од САД.

Телевизијата Al Mayadeen, пак, јавува дека противвоздушните системи на коалицијата предводена од САД го одбиле ракетниот напад.

Според изворите на телевизијата, нападот бил изведен од ракетни повеќецевни систем врз центарот каде се сместени американските и француските воени советници. Неколку проектили паднале во областа на заедничката база на американската војска и ирачките специјални сили, каде што се повредените 12 ирачки војници.