Ракети во близина на амбасадата на САД во Ирак, Алави ја повлече кандидатурата за премиер

Неколку проектили паднаа ноќта кон понеделникот во доброобезбедуваната „Зелена зона“ на ирачката престолнина Багдад, истовремено откако привремениот премиер Мохамед Алави објави дека ја повлекува кандидатурата за премиер.

Како што објави телевизијата Al Hadath, еден од двата проектила кои паднале во Зелената зона, каде што се сместени владините интитиции и странските дипломатски мисии, паднала во непосредна близина на амбасадата на САД. Според извештаите на ирачките медиуми, во ракетирањето, кое веројатно било изведено од позиции северно од Багдад, немало настрадани.

Малку претходно во неделата ноќта, именуваниот на премиерската должност Мухамед Тауфик Алави објави преку својот кабинет дека се откажува од формирањето влада и ја повлече својата кандидатура, истакнувајќи дека некои политичари му поставиле пречки.

Алави (Алауи) ја повлече кандидатурата неколку часа откако парламетот повторно не успеа да ја потврди неговата влада. Потегот ја продлабочи политичката криза во земјата во која масовните протести и неможноста да се постигне договор меѓу пратениците го оддолжуваат закрепнувањето на земјата од долгите воени години.

„Ја гледав својата задача во фомирањето независна влада која може да работи ефикасно и непристрасно со цел да ги исполни барањата на народот. Веднаш предупредив дека ќе заминам ако се врши притисок врз мене, и тоа се случи. Некои партии ги водеа преговорите исклучиво од своите тесни интереси без да ја сфаќаат состојбата на нацијата“, истакнува поранешниот министер за телекомуникации Алави во писмената изјава.

Според Алави, поради теснопартиските интереси тој во парламентот двапати не успеа да добие мнозинство и затоа „се извинува и се откажува од натамошните напори да формира кабинет“, за што според уставот имаше еден месец.

По изјавата на Алави, ирачкиот претседател Бархам Салех побара политичките групации да го претстават во следните 15 дена алтернативниот кандидат. „Започнуваме со консултациите за избор на нов кандидат за функцијата шеф на ирачката влада“, го цитира Салех телевизијата Al Arabiya.

Во неделата претениците во Советот на претставниците (парламентот на Ирак) не можеа да ја одржат најавената седница за гласање доверба на новата влада на Алави. Од 329 парламентарци, на закажаната седница се појавија 108 а неопходни за изгласување доверба се 165 гласови. Седницата ја бојкотираа сунитските и курдските пратеници, кои од самиот почеток изразија несогласување со составот на владата на Алави. Тие беа поддржани и од некои про-шиитски партии меѓу кои и од „Држава на законот“ на поранешниот премиер Нури ал-Малики. Поддршка на кабинетот на Алави дадоа пратеничките групи на Саирун на влијателниот шиитски имам Муктад ал-Садр, и Фатх која ја води командантот на шиитската милиција Ал-Хашд ал-Шааби, Хади ал-Амири.

По неколку месечните антивладини протести кои доведоа до голема политичка криза во Ирак, на 1-ви февруари претседателот Салех го именуваше Алави, предложен од шиитските фракции, за привремен премиер и му наложи да состави влада. Но сѐ додека не заврши процесот, должноста шеф на владата ја извршува Адел Абдел Махди, кој кон крајот на ланскиот ноември си поднесе оставка под притисокот на масовните демонстрации.

Во Ирак од почетокот на октомври минатата година не стивнуваат протестите против некомпетентниот политички естаблишмент, раширената корупција, влошените животни услови и високата невработеност особено кај младите. Протестие беа придружени со прстрелки, судири и насилства во кои загинаа над 500 лица, а повеќе од 20.000 беа повредени. Демонстрантите рамнодушно ја прифатија кандидатурата на Алави, барајќи именување на кандидат кој не извршувал државни функции во минатото и не е поврзан со ниедна од политичките сили во земјата.