Ракитиќ по втор пат и донесе победа на Хрватска по пеналите

375

Хрватска по уште еден трилер натпревар стана последниот полуфиналист на Мундијалот откако на пенали ја победија екипата на домаќинот, Русија, откако мечот заврши со резултат 2:2.

Хрватска, иако фаворит на хартија, не покажаа фудбал каков што се очекуваше од нив, но сепак одиграа подобро отколку во натпреварот со Данска. Русите играа поповлечено, иако стартуваа со офанзивна постава.
Во првите триесетина минути Хрватска ја контролираше играта, со неколку полушанси и кога се чинеше дека ќе дадат гол, следеше ладен туш. Черишев во 30 минута постигна еврогол, откако лошо реагираа Вида и Ловрен, кои беа покрај Русинот, но не го блокираа. Слабо беше поставен и голманот Субашиќ, кој беше излезен надвор од петерецот, па не можеше да интервенира. Хрватите веднаш притиснаа и во 39 минута по убава акција од левата страна Манџукиќ прецизно нафрли и Крамариќ со глава го матираше Акинфеев.

Во вториот дел Хрватите влегоа офанзивно со цел да го решат натпреварот пред продолженијата, па нападите за малку ќе резултираа со гол, кога Перишиќ во 60 минута ја погоди внатрешниот дел од стативата, но топката на изненадување на се одби во мрежата туку излезе во полето. По ова Хрватите како да паднаа, па без сериозни шанси на двете страни заврши регуларниот дел од мечот.

Во продолжението Хрватска пак нападна, па во 100. минута со голот на Вида повторно со глава по корнер го матираше Акинфеев. Домаќините тргнаа поофанзивно, а Хрватите не се обидоа да ја задржат топката во своите нозе подолго време, па стигна казната. Во 115. минута Пивариќ почетнички реагираше играјќи со рака на работ од шеснаесетникот, а по слободниот удар на вистинско место се најде десниот бек Фернандез, погодувајќи за 2:2 со својот прв гол во дресот на руската репрезентација. Зобнин го упати последниот удар во 119. минута, но Субашиќ одбрани.

Пенал серијата ја почнаа Русите, за кои Смолов биеше лошо, а Субашиќ лесно ја одбрани топката. За Хрватска Брозовиќ погоди, па Џогаев возврати. Акинфеев го одбрани пеналот на Ковачиќ, па се реваншираше Бразилецот со руски пасош, Фернандез, кој го промаши целиот гол. Модриќ среќно од рацете на Акинфееев и од стативата погоди, како и Игнашевич. Погодија и Вида и Кузјајев, па победоносниот пенал пак го реализираше Ракитиќ.

Хрватска во полуфиналето во среда ќе игра со Англија, која со 2:0 ја победи Шведска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.