Ракометарите на „Еурофарм Работник“ подготвени за премиерата во СЕХА лига

Со осум засилувања, солидни подготовки и спортски оптимизам, ракометарите на РК „Еурофарм Работник“ го пречекуваат премиерниот натпревар во СЕХА лигата кој во среда навечер ќе го одиграат со рускиот ракометен гигант „Спартак“ од Москва.

По 15 години повторно во битолската спортска сала ќе се игра врвен меѓународен ракомет, а ние сме подготвени за надигрување и победи, најави Стевче Алушовски, тренер на РК „Еурофарм Работник“-Битола.

– Екипата на „Спартак“ од Москва е со највисок ранг во рускиот ракомет, тим со повеќе ракометни репрезентативци, а тоа за нас е дополнителен мотив, сезоната да ја почнеме со победа. За претстојните 20 меѓународни натпревари реализиравме солидни подготовки како за СЕХА лигата која што е атрактивна бидејќи во Битола ќе гостуваат Веспрем, Загреб, Мешков Брест,..така и Лигата на шампиони која е помалку атрактивна, но со исклучително силни и квалитетни клубови и национални шампиони, истакна Алушовски.

Во РК „Еурофарм Работник“ оваа ракометна сезона меѓу другите ракометари ќе настапуваат 6 македонски ракометни репрезентативци, но и репрезентативци на хрватската, црногорската и селекцијата на Босна и Херцеговина.

– Со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Знаеме дека публиката ќе биде наш 8 играч и таа е долги години очекуваше вака голем спортски настан и натпревар. Формално сме дебитанти, но градот е со ракометна традиција и затоа ќе дадеме се од себе успешно да го претставиме битолскиот и македонскиот ракомет, изјави капитенот Гоце Ојлески на прес конференција во Битола.

Натпреварот меѓу РК „Еурофарм Работник“ и РК „Спартак“-Москва се игра оваа среда со почеток во 20:45 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.