Ракометната селекција со минималната победа кај Турција, го потврди настапот на ЕП

Македонската ракометна репрезентација и покрај очајното издание и најмногу благодарејќи на неисксуството на технички и тактички план на домашните турски ракометари оствари мининална победа од 26:25, со што дефинитивно го обезбедија пласманот на Европското првенство.

Турција во еден момент во второто полувреме имаше водство од четири гола, но за наша среќа домаќинот не ја искористи шансата и на крајот Македонија успеа да стигне до победа. Избраниците на Данило Брестовац добро го отворија мечот.

На средината од првиот дел Македонија имаше предност од четири погодоци, но противникот во завршницата направи серија од 7:2 и на полувремето замина со водство од 13:11. Лошото отворање на вториот дел на македонските ракометари, Турција го претвори во предност од 19:15, но во продолжението по серија грешки на домашниот состав полека, но сигурно ја намалувавме предноста и на десетина минути пред крајот го преземавме водството за конечен триумф од 26:25.

Прв стрелец кај Македонија беше Кире Лазаров, Филип Талески постигна пет, а по четири пати прецизни беа Бојан Маџовски и Гоце Георгиевски. Голманите комбинирано имаа девет одбрани, Никола Митревски во второто полувреме имаше шест, а Борко Ристовски во првото три интервенции. На спротивната страна Дорук Пеливан постигна десет гола, а голманот Јонуз Осмусул имаше дури 17 одбрани.

Следниот натпревар македонската селекција го игра во недела против Грција во Струмица, со почеток во 18 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.