Раководителка на Центарот за вработување потрошила 10.000 евра службени пари за себе

Раководителка во Центарот за вработување при Агенцијата за вработување за три години злоупотребила над 10 илјади евра, службени пари, кои ги потрошила за сопствени потреби.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, против С.А (36) поднесе кривична пријава поради постоење  основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што појаснуваат во соопштението од МВР, пријавената го сторила кривичното дело во својство на службено лице од позиција на раководител, при што во периодот од 1.1.2014 до 30.4.2017, злоупотребила и ненаменски искористила парични средства од благајната на Центарот за вработување при АВРМ, кои биле одобрени за службени потреби и репрезентација на Центарот.

„С.А. со злоупотреба на својата службена положба и овластувања, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за извршување на буџетите и Законот за спречување на корупција, во периодот 2014-2017 година, за свои лични потреби и за своја сметка нанела штета на Буџетот во вкупен износ од 635 065 денари (10.325 ЕУР)“, се наведува во соопштението од МВР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.