Раководството и машиновозачите се договорија, штрајкот прекинат

86
Машиновозачите го прекинаа штрајкот откако постигнаа договор со раководството на МЖ Транспорт
Штрајкот на мал број машиновозачи е прекинат откако Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) на денешната средба со раководството на МЖ Транспорт постигнаа договор.
Директорот на МЖ Транспорт Оливер Деркоски и Штрајкувачкиот одбор (ШО) по средбата информираа дека е  постигнат начелен договор околу барањата на синдикатот за исплата на платата во цел износ на крајот на месецот и за одлуката за прераспоредување на двајца машиновозачи на пониски работни позиции.За десетина дена треба да завршат и разговорите за потпишување  Колективен договор.
Менаџментот на претпријатието  ќе вложи максимални напори за исплата на целиот износ на платата до крајот на месецот зависно од состојбата во МЖ Транспорт. Синдикатот не беше задоволен од досегашната исплата на платата  на две рати.
„Го образложивме и ставот околу прераспоредувањето на двајцата машиновозачи за што се согласија дека тоа е одлука на раководството. Едниот од машиновозачите останува на позицијата на која е прераспореден, а на другиот му е понудено ново работно место“, рече Деркоски.
Според Миле Николовски, претставник на Штрајкувачкиот одбор, начелно се усогласени ставовите со раководството и околу пресметката на платите и се очекува реализација со потпишување на Колективниот договор за околу десет дена.
Декоски вели дека и покрај тоа што НСММ не е репрезентативен синдикат, вклучен е во разговорите за Колективниот договор, а со пресметката на платата вработените воопшто не се оштетени.
Во МЖ Транспорт се вработени 1.270 лица, од кои околу 200 машиновозачи и помошници машиновозачи. Покрај НСММ, функционираат уште пет синдикати. Во тек на штрајкот на НСММ, што почна вчера изутрината, немаше никакви прекини во железничкиот сообраќај и покрај најавата од Синдикатот за редуцирано сообраќање на возовите. Според тврдењата на раководството на Синдикатот, машиновозачи што не се членови на НСММ, прифатие да работат под притисок на менаџерскиот тим. Таквите тврдењата ги демантираше Деркоски, според кого во тек на штрајкот од вкупно 200 машиновозачи и помошници, штрајкувале само петмина. Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија не доби поддршка за штрајкот од своите колеги од Синдикатот на машинскиот персонал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.