Рама: Албанија нема пред никого „да питачи за вакцини“

Албанскиот премиер Еди Рама на денешната онлајн средба со новинарите рече дека Албанија е многу блиску до постигнување договор за набавка на вакцини против ковид-19.

– Се обидуваме да обезбедиме вакцина. Жал ми е што слушнав секакви теории затоа што општата состојба е иста. Компаниите како „Фејзер“ прават зделки што се поврзани со државите, засега нема договор што се прави директно со компаниите и купување според она што го нуди. Ние сме многу блиску до потпишување договор, работиме на овој план од средбата со директорот на „Фејзер“ што ја остварив во САД – рече Рама.

Тој додаде дека се прават максимални напори достоинствено да се обезбедат вакцини и оти нема пред никого „да питачи да му даде вакцини“.

– Ние работиме политички и дипломатски за да обезбедиме вакцини. Се шпекулираше дека вакцинацијата почнала во Северна Македонија, со само 100 дози дадени од Бугарија. Да питачам за Албанците, простете ми за скромноста, но јас тоа не го можам – рече Рама.

Тој посочи дека е убеден дека со вакцинацијата во земјата ќе се почне некаде во средината на јануари најпрво на здравствениот персонал, потоа наставниот кадар, полициските службеници и така натаму.

Веста објавена на социјалните мрежи од страна на руската амбасада во Тирана за вакцини од Спутник, Рама ја оцени како смешна провокација, додавајќи дека извинувањето од амбасадата ќе биде добредојдено. Исто така, рече дека на почетокот сметал оти изјавата на руската амбасада не е ништо друго освен лажна вест.

Руската амбасада во објавата напишала дека Русија е подготвена да ја донесе вакцината „Спутник-В“ и во Албанија, дека вакцинацијата со неа веќе почнала во Русија и во Аргентина, додека повеќе од 50 земји аплицирале за купување на 1,2 милијарди дози од вакцината.