Рама: Албанија е за дијалог со сите народи од регионот

Албанскиот премиер Еди Рама денеска за канал „Франс 24“  изјави дека неговиот брат не учествувал во инцидентот со дронот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија и дека приказните за тоа се „смешни“, порачувајќи истовремено дека Тирана е определена за дијалог со сите народи во регионот и дека не е потребно враќање назад.

Зборувајќи за настаните од натпреварот, Рама рече дека станува збор за „очајнички обид овој инцидент да им се  припише на Албанците, што е штета, бидејќи натпреварот се претворил во арена на неприфатливо расиститичко и етничко насилство“.

На прашањето дали ќе замине на планираната „историска“ посета на Србија, на 22 октомври, Рама не даде прецизен одговор, туку наведе дека му е „жал за се што се случи на стадионот“.

Тој додаде дека му е жал што „српската Влада, место да го осуди насилството и да се дистанцира од оваа претстава која е неприфатлива за Европа, ја следи реториката на навивачите и луѓето кои ја уништија сликата за фудбалот и сликата за својата земја“.

– Ние донесовме поинаква одлука: решивме да се однесуваме како Европејци, да не одговараме на националистичката и бруталната реторика, да го продолжиме нашиот пат кон иднината, со залагање за мир и соработка, како и дијалог со сите народи во регионот, порача албанскиот премиер.

Тој додаде дека е неприфатливо „да се враќаме назад“ и дека е смешно да влегуваме во „идиотски расправи“ за летела што ја извалкале честа на една земја.

– Смешно е, оцени Рама, што цел свет се возбуди поради едно албанско знаме кое летеше над стадионот во момент кога наоколу имаше илјадници српски знамиња, таму каде и немаше албански навијачи бидејќи сакавме да избегнеме да се загрози текот на натпреварот.

– Мојот брат беше таму со уште 50-тина Албанци, со претставници на Фудбалскиот сојуз на Албанија, новинари и други луѓе кои ја следеа репрезентацијата. Тие биле претресени на влезот и немало никави шанси да внесат дрон и да го активираат, објасни Рама.

Според него, во Европа е вообичаено директно „да се осудат сите расистички испади, а во Белград цел стадион извикуваше смрт за Албанците“

Се очекува албанскиот премиер следната недела да замине во официјална посета на Белград, без разлика на инцидентите предизвикани во текот на натпреварот Србија-Албанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.