Рама: ЕУ пати од амнезија, се надевам брзо ќе се опорави

Во интервју за Фајненшл Тајмс, албанскиот премиер Еди Рама рече дека демократијата во Албанија е во зародиш и додаде дека таа ќе достигне зрелост за многу кратко време, нагласувајќи дека Европската унија страда од амнезија, заборавајќи ја целта на своето постоење.

– Во Албанија владее тинејџерска демократија и, како и секој тинејџер, тој има проблеми, но расте и ќе достигне зрелост за кратко време. Но, ако Албанија е тинејџерка, Брисел страда од амнезија за тоа кој е, зошто постои, кои се целите и причината на нејзиното постоење. На крајот на краиштата, тоа е најголемата сила на добар дел од човештвото и се надевам дека брзо ќе се опорави, бидејќи без неа, светот би бил многу полошо место – рече Рама.

Тој ги отфрла обвинувањата од страна на опозицијата за нерегуларности на изборите и за заробена држава.

– Тие кои не знаат што да прават со слободата на говорот се жалат за недостиг на слобода, вели Рама.

Посочува дека одбивањето да се вклучат во политичките институции е оправдување за слабата перформанса на Демократската партија (ПД) и Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ). Додава дека ПД ја подобрила својата позиција со гласови на грбот на ЛСИ.

– Опозицијата ја изгуби својата петта битка по ред- трипати на парламентарни и двапати на локални избори, бидејќи тие никогаш не биле добри губитници. Доколку сте еден лош губитник, не можеш да победиш – оценува Рама.

Нагласува дека сега е уште поодлучен да спроведе развоен план од 10 милијарди евра, со фокус на туризмот.

Планот опфаќа автопат покрај морското крајбрежје, туристичко пристаниште во Драч од две милијарди евра, што е највисока инвестиција во историјата на земјата, која ќе ја реализираат инвеститори од Дубаи, ОАЕ.