Рама ги повика пензионираните лекари да помогнат, а вети награда и за директно ангажираниот персонал

Албанскиот премиер Еди Рама ги повика пензионираните лекари специјалисти, кои се во можност, да помогнат во справувањето со состојбата со новиот коронавирус.

– Постојат луѓе кои сè уште се динамични и силни, иако го прекинале работниот однос. Имаме неколку големи личности во медицината. Паметот и искуството се голема вредност. Иако се во пензија се поканети за да придонесат во оваа борба со новиот коронавирусот. Ќе добијат по 1.000 евра плус нивната пензија, рече Рама.

Вети дека за целиот медицински и друг персонал кој „е ангажиран во првата линија во фронталната битка со коронавирус“ ќе биде награден со 500 односно 1000 евра плус.

– Ќе им платиме на лекарите и медицинските сестри по 1.000 евра, додека на возачите по 500 евра плус. Овој вирус е непријател и ќе направиме се за да се справиме со него. Ќе ги намалиме повредите и загубите, истакна Рама.
Тој го повтори апелот до граѓаните да ги почитуваат мерките за да не станат како што рече „убијци на другите“.

– Вистина е дека најмногу ги погодува повозрасните лица, но ние не треба да се шегуваме. Страв никако, но внимателност да, и тоа до максимум, порача Рама.
Посоветува дека секој кој бил во погодени места од Ковид-19 или имал контакти со личности кои биле во овие зони да се јави на бројот 127.

Во Албанија првите два случаи со новиот коронавирус беа регистрирани во неделата, а до синоќа тој број се зголеми на 10 лица.