Рама ги укина работните визи за Албанците од Македонија и Црна Гора

Aлбанската влада ги укина работните визи за Албанците од Македонија и од Црна Гора, пишува порталот „Балкан инсајт“. Ова е дел од владината политика да ги зацврсти врските меѓу Албанците во регионот, соопштуваат од албанската влада.

Ова значи дека етничките Албанци од Црна Гора и Македонија, еднакво како и граѓаните на Албанија, веќе можат слободно да бараат работа, освен за оние работни места кои се однесуваат само за албанските граѓани.

Претходно, вакво решение кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама донесе и за Албанците од Косово и од регионот на Прешевската долина во Србија.

Во Црна Гора живеат околу 5 отсто Албанци, главно населени во југозападниот дел од земјата. Стапката на невработеност во Црна Гора е 16 %, но во регионот каде што живеат Албанците таа стапка изнесува 22%.

Албанците во Македонија се најголемото етничко малцинство кое според последниот попис од 2002 година сочинува речиси четвртина од вкупното население. Според некои проценки повеќе од 200 илјади Албанци во потрага по работа веќе се преселиле главно во западноевропските земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.