Рама: Нема перспектива за западен Балкан, ЕУ самата се држи како заложник на Балканот

Во интервју за австрискиот дневен весник Kurier, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека нема перспектива за западен Балкан и дека Европската унија се држи како заложник самата себе си на Балканот.

Во интервјуто Рама додава дека веќе има друга идеја за правилата на игра во ЕУ, нагласувајќи дека Албанија мора да ги прифати.

„Не сум фрустриран, но научив. Сега има друга идеја за правилата на игра во ЕУ и мора да ги прифатиме. Не треба да се губи трпението и страста. Повеќе се работи за функционирање на Албанија како земја на ЕУ отколку за фактот дека Албанија е членка на Европската унија“, изјавил Рама.

Албанскиот премиер одговара и на прашањето кои се правилата на играта.

„Секогаш има врска со внатрешната политика во една или друга земја – членка на ЕУ. Она што важи денес нема зошто да се спроведува утре. Идентично е како и со временската прогноза. Ние во меѓувреме развивме техника која ни помага да го дешифрираме изборниот календар на ЕУ. Во зависност од профилот на една земја, може да се очекува извесно забавување на процесот на проширување на ЕУ по изборите“, одговорил Рама.

На прашањето дали се чувствувате како еден вид заложник на националната политика во земјите од ЕУ, Рама вели дека не се чувствува заложник на ниту едно прашање, туку дека самата ЕУ е заложник на Балканот. Земјите од ЕУ, додава, не дејствуваат експлицитно кон нас, тие дејствуваат на овој начин и за самите себе.

Новинарот констатира дека приемот во ЕУ е пат кон никаде за Балканот и го прашува дали би можело да се замисли еден вид делумно решение за Албанија, значи, да не биде полноправна членка на ЕУ, туку да стане дел од Европска економска зона како Норвешка или Швајцарија.

„Не, нема да се преговара за такво нешто. Албанија мора да стане целосно функционална земја – членка на ЕУ. Ние сме Европејци и никој друг не смее да го потврдува тоа. Опкружени сме со границите на ЕУ – а остатокот од одлучувањето и припаѓа нејзе. Таа има право да каже како сака да се менаџира во нејзиниот дом“, вели Рама.

Шефот на албанската влада често чекањето пред вратата на ЕУ го споредува со драмата „Чекајќи го Годо“ а во интервјуто, според Ора њуз го кажува и овој мрачен баланс: „Ништо нема да се промени во блиска иднина“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.