Рама поднесе тужба против новинар на германски „Билд“

Албанскиот премиер Еди Рама поднесе тужба против германскиот новинар Питер Тиде, по објавувањето снимки од прислушуваните разговори каде се слуша како се обезбедувале гласови за партијата на Рама, преку закани и купување гласови.
– На германскиот адвокат Матијас Принц му дадов овластување за започнување судски процес околу наводите во „Билд“. Германските судови нека одлучуваат кој е во право и кој е виновен за ова. Ова го правам затоа што Албанците заслужуваат да ја знаат вистината од судството на таа земја, напиша Рама на Твитер.
На постот на Рама, преку Твитер реагираше новинарот Тиде.
– За што ме обвинува? Ме обвинува за објавената вистина? напиша Тиде.
Реагираше и Мартин Хенц, советник на германската канцеларка Ангела Меркел, кој пак најави дека Еди Рама набрзо ќе биде обвинет во меѓународниот суд.
– Питер, ова се последните потреси на една автократија. Господинот Рама наскоро ќе се најде пред меѓународните судови како обвинет, напиша тој на Твитер.
Првиот напис под наслов „Како мафијата манипулира со изборите во Албанија“, весникот „Билд“ го објави на почетокот на месецов, кога пренесе снимки од разговори направени од албанските истражни органи, каде се слуша кои мафијашки кланови ги купиле гласовите за партијата на премиерот Еди Рама.
Во шесте разговори главен е мафијашот Астрит Авдулај, кој разговара со градоначалникот на пристанишниот град Драч и директорот на „Водовод“ да се обезбедат гласови со закани и купување.
На 16 јуни објави нови 16 снимени разговори за изборите во градот Пешкопеја, при што се слуша и гласот на премиерот Рама.
Истиот ден Рама на Твитер напиша дека одлучил ова прашање „да го поднесе пред суд во Германија“, бидејќи таму правдата „не си игра со тајните од една истрага, достоинството на граѓаните и почитта кон државата“.
Преку Фејсбук му одговори Тиде кој напиша дека „Рама се уште не слушнал за независно судство“ па затоа бара истрага од обвинителството и го посоветува додека е во Лондон да научи што значи независно обвинителство и функционални судови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.