Рама: Преговори за членство во ЕУ нема наскоро да има, а виновна за тоа е Бугарија

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека не очекува самитот на ЕУ следната недела да го отвори патот на земјата за почеток на преговорите за членство во ЕУ, обвинувајќи ја Бугарија, објави денеска Политико, пренесоа албански медиуми.

Во интервју за Политико, Рама рече дека е песимист. „Немам очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија нема официјално да започнат разговори за пристап“, рече тој.

На прашањето дали некој од лидерите на ЕУ дал сигнал дека разговорите би можеле да започнат наскоро, Рама одговори: „Какви сигнали можат да дадат? Не се работи за нив. Повторно станува збор за Бугарија. Сите тие се согласуваат, сите поддржуваат. Но, нивниот простор за маневрирање е ограничен од Бугарија“.

Рама (57), рече дека не очекува бугарските лидери да ја сменат својата позиција, бидејќи тие го направија спорот толку голем што е многу тешко да се повлече.

„Ова е спирала. И многу, многу е тешко да се излезе од оваа спирала“, рече Рама.

Рама потврди дека ако нема напредок овој месец, тој ќе побара кандидатурата за членство на Албанија да се разгледува одвоено од онаа на Северна Македонија, потег што ЕУ досега не сакаше да го преземе.

Официјалните лица велат дека регионалната стабилност би била подобра доколку двата соседа напредуваат заедно.

„Ако ништо не се случи во јуни, ќе сакаме да се разделиме од овој пар кој е изгубен во преводот“, рече Рама.

„Убеден сум дека тоа е она што треба да го направиме, а потоа ќе видиме дали (лидерите на ЕУ) ќе се согласат или не“, додаде тој.