Рама пристигна во посета на Москва

Во својство на претседавач на Албанија со Органзацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) албанскиот премиер Еди Рама вечерва пристигна во Москва.

Тој утре ќе се сретне со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, а главна тема на разговорот, според Топ чанел, ќе биде тензичната ситуација на границата Русија – Украина.

Во своето обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, премиерот Рама ја наведе Украина како еден од приоритетите на албанското претседавање со ОБСЕ.

Ова е прва посета на албански премиер на Русија по посетата на поранешнот албански премиер Александар Мекси, кој му беше гостин на тогашниот премиерот Виктор Черномирдин, пред речиси две и пол децении.

– Посетата на премиерот Еди Рама се случува во момент кога односите меѓу Албанија и Русија се на минимално ниво. Во март 2018 година, Албанија им се придружи на европските земји, протерувајќи двајца руски дипломати од Тирана, потег координиран со НАТО. Иако Еди Рама престојува во Русија како претседавач со ОБСЕ, ова ќе биде добра можност да се даде нов пристап кон односите меѓу двете земји, наведува телевизијата.

Инаку, албанските власти, пред две години ги протераа Владислав Филипов, воен аташе, како и Алексеј Николајевич Балашов, прв секретар на амбасадата, осомничени дека под превезот на дипломати, шпионирале во корист на Русија.

Рама, во својство на претседавач со ОБСЕ, на 20 јануари беше во посета на Украина, што беше негова прва посета на некоја држава по преземањето на претседавањето со ОБСЕ на 9 јануари, каде изјави дека „целта на неговата земја е да обезбеди целосен и одржлив прекин на огнот“.