Рама вети решавање на проблемот со бугарското малцинство во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама во разговор со Бојко Борисов му се заблагодари на одлуката на бугарското Собрание со ветување дека ќе се реши проблемот на бугарското малцинство во Албанија.

-Дозволете ми да ви кажам, драги бугарски пријатели, дека имав краток телефонски разговор со Бојко Борисов за пријателски и искрено да го решиме прашањето за бугарското малцинство во Албанија! Вистинските пријатели не си наштетуваат еден на друг, туку ја кажуваат вистината еден на друг и си подаваат рака!, напиша Рама на Твитер.

Претходно албанскиот премиер на самитот на ЕУ го критикуваше неукинувањето на ветото кон Македонија од Бугарија на што остро реагираше бугарското МНР, кое што побараа од Рама да го прилагоди вокабуларот.

„Жолчните изјави на толку ниско ниво повеќе не можат да се оправдаат со природата и недостигот на европски комуникациски вештини. Очекуваме албанскиот премиер да ги приспособи своите изразни јазични средства соодветни за политичар од земја кандидат за членство во ЕУ“, се вели во соопштението.

Премиерот Рама на Твитер инстантно возврати дека и тој има проблем со начинот на кој Бугарија сака да ги реши билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање на две НАТО-земји. Полека пријатели: Подигнете го ВЕТОТО или трпете ме!“, напиша тој на Твитер.

Меѓу другото на самитот на ЕУ , премиерот на Албанија изразувајќи солидарност за Македонија, иронично при поздравот со челниците на ЕУ , им се обрати со зборовите „поздрав од Источна Македонија“ со што предизвика смеа кај присутните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.